Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информира дека гевгелиските пожарникари со помош на специјална пена го изгаснале пожарот и потенцира оти возачот на возилото нема тешки телесни повреди
Возачот на цистерната со нафта што се запалила претпладнево откако излетала на патот Гевгелија – Богданци, се здобил со полесни повреди, а во тек е безбедно отстранување на истеченото гориво, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Тој претходно информира дека пожарот бил брзо изгаснат од пожарникарите, а поради инцидентот, сообраќајот на патот Гевгелија – Богданци е во прекин.

„Претпладне камион цистерна кој транспортирал 25 тони нафта излетал надвор од магистралниот пат Гевгелија – Богданци, при што дошло до негово превртување, а при превртувањето дошло до продупчување на самата цистерна во која биле складирани овие 25 тони нафта. Нафтата почнала да истекува, од ударот најверојатно дошло до нејзино палење, по што се кренал црн и густ чад кој предизвика вознемиреност кај локалното население“,
вели Ангелов во видеоизјавата.
Тој информира дека гевгелиските пожарникари со помош на специјална пена го изгаснале пожарот и потенцира оти возачот на возилото нема тешки телесни повреди.
„Во разговор со командирот на гевгелиските пожарникари бев известен дека има специјална пена со која ќе се обидат да го изгаснат пожарот. Набргу тие беа на лице место, го изгаснаа опожареното место со нафта и добро е тоа што дизелот истекува во блискиот канал непосредно покрај самиот пат. Пожарникарите истурале поголема количина на песок на неколку места, со што нафтата останува заробена во каналот. Во меѓувреме, стапивме во комуникација со сопственикот на цистерната. Од негова страна е организирана друга цистерна, како и пумпи за испумпување на нафтата и од превртената цистерна, од која горивото сè уште истекува, но ќе биде собрана и нафтата којашто се наоѓа во каналот. По отстранување на нафтата, ќе се истури ситен песок врз местото, којшто треба да ги апсорбира остатоците од нафта, а потоа истиот ќе биде пренесен на безбедно место“,
појасни директорот на ДЗС.
Ангелов нагласи дека веднаш по превртувањето на цистерната, на местото излегле припадници на МВР, а присуствувале и инспектори на ДЗС и од Министерството за животна средина.