Доналд Трамп со ова стана првиот поранешен претседател на САД кој се соочил со кривични обвиненија, и покрај тоа што повторно се кандидираше за претседател
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп е обвинет за тајни плаќања на актерката од филмови за возрасни Сторми Дениелс, непосредно пред претседателските избори во 2016 година, објави Си-ен-ен.
Детали од обвинението сè уште не се објавени. Големата порота на Менхетен го обвини Трамп дека ѝ платил 130 000 долари на актерката од филмови за возрасни Сторми Даниелс, која тврди дека имала афера со него додека тој бил во брак со неговата сегашна сопруга Меланија.

Доналд Трамп со ова стана првиот поранешен претседател на САД кој се соочил со кривични обвиненија, и покрај тоа што повторно се кандидира за претседател.
Обвиненијата, кои произлегуваат од истрагата предводена од демократскиот окружен обвинител на Менхетн, Алвин Брег, би можеле да ја променат претседателската трка во 2024 година.
Обвинението е за ненасилно злосторство, па се очекува Трамп да биде пуштен да се брани од слобода без кауција. Сепак, случајот е уникатен бидејќи како експретседател Трамп ќе дојде во придружба на тајната служба, па не се знае дали ќе му бидат ставени лисици.
Конкретните обвиненија сè уште не се познати, а тоа најверојатно ќе биде објавено во наредните денови, пишува „Њујорк тајмс“. Тогаш Трамп ќе мора да отпатува во Менхетен за земање отпечатоци и друга обработка.
Трамп, веднаш по гласањето за обвинението против него, излезе со изјава во која вели дека ова е политички прогон и „лов на вештерки“.
Си-ен-ен пренесува дека Трамп бил изненаден од одлуката за обвинение на големата порота.
„Поранешниот претседател, сегашен кандидат и мој пријател, претседателот Доналд Џ. Трамп, е жртва на корумпирана и искривена верзија на американскиот правосуден систем и историја. Тој ќе биде ослободен од обвинението“,
коментира Алина Хаба, адвокатка на Доналд Трамп.
Другите двајца адвокати што го застапуваат во оваа истрага велат дека Трамп не сторил никакво кривично дело и дека против овој политички прогон енергично ќе се борат на суд.
Поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, во 2019 година сведочеше пред Конгресот дека добил задача од Трамп да исплати средства земени од буџетот за кампањата за молчењето на Дениелс и на уште една жена, Карен Мекдугал. Тоа се случувало неколку дена пред претседателските избори во 2016 година, кога Трамп извојува победа над противкандидатот, демократката Хилари Клинтон.
Федералното обвинителство почна да го разгледува случајот Дениелс во 2018 година, по што Коен беше обвинет и осуден на затворска казна, но Трамп тогаш избегна тужби.
Новинарски екипи од САД и целиот свет уште сега се собираат пред судот во Њујорк да известуваат за овој настан без преседан во американската историја.