Според него, не станува збор само за приватни објекти, туку има и државни објекти, како и дека на државата ќе ѝ треба одреден период за да ги исправи тие објекти што биле градени изминатите три децении
Мораториум е временски период кој ќе им биде даден на сопствениците на локалите да ги отстранат недостатоците или да направат нешто со што ќе се приспособат, можеби не на дискотека, но можеби на кабаре или на нешто друго. Во тој период локалите нема да работат, туку тој период ќе го искористат исклучиво да ги отстранат недостатоците. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски при неговата посета на поставувањето камен-темеленик на мегапарк во скопската населба Радишани, а одговарајќи на новинарско прашање да даде попрецизни информации за неговата вчерашната најава дека ќе се прогласи мораториум со цел угостителските објекти да ги отстранат неправилностите при вршење на дејноста.
Инспекциските контроли во угостителските објекти следат по пожарот во таканаречената дискотеката во Кочани на 16 март, во кој загинаа 59 лица, а се повредени повеќе од 150 лица.

„Суштината е сите оние што ги доставиле документите, а не ги исполнуваат условите согласно вонредните инспекциски надзори на Државниот пазарен инспекторат да ги исполнат“,
рече тој.
Посочи дека сè уште се размислува колку време ќе трае тој мораториум.
На прашањето зошто им се дава овој период на сопствениците на локалите, премиерот рече дека во тој период тие нема да работат, туку ќе ги отстрануваат недостатоците.
„Ова не може да се претвори во строг суд, зашто нешто што е повеќе од 30 години погрешно направено, ние за девет месеци се обидуваме да го канализираме и да го ставиме во ред. Ова ќе биде обемна операција. Слушнавте во делот на градежништвото колку дозволи во моментот се суспендираат и од Државниот пазарен инспекторат и од Министерството за економија колку лиценци и колку објекти се затворени. Затоа, ќе им оставиме на сопствениците на тие стопански објекти да можат тоа да го исправат“,
кажа премиерот.
Според него, не станува збор само за приватни објекти, туку има и државни објекти.
„Така, и на државата ќе и треба одреден период за да ги исправи тие објекти кои биле градени или крадени изминатите три децении. Кога се граделе или реновирале тие објекти, во суштина се краделе, а затоа се менуваа Кривичен законик со европско знаменце, знаеја дека доаѓа Влада што има намера да работи, а тие што ја краделе државата и граѓаните да ги казнува“,
вели Мицкоски.
Најави дека временскиот период што ќе им се даде на сопствениците на локалите ќе трае колку што е потребно.
Уште еднаш повтори дека ќе одговара секој што го прекршил законот, независно дали лицето е дел од некоја политичка структура или не.
Премиерот вчера од Радовиш најави дека се разработува акциски план да се прогласи мораториум, со цел угостителските објекти да ги отстранат неправилностите при вршење на дејноста.