Кошта, на прес-конференција во Ирска, рече дека тие го почитуваат изборот на Американците и оти тие треба да ги почитуваат демократските избори на граѓаните. Според него, сојузниците треба да се однесуваат како сојузници и да не се мешаат во внатрешниот политички живот на земјите

Европската Унија одговори на коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја нарече Европа „распаѓачка“ група нации предводени од „слаби“ лидери. Трамп изјавите ги даде во интервју за Политико. Трамп ја критикуваше Европа како лошо водена и неспособна за регулирање на миграцијата, објави Политико.
„Мислам дека се слаби. Но, исто така мислам дека сакаат да бидат толку политички коректни. Мислам дека не знаат што да прават. Европа не знае што да прави“,
рече Трамп.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, рече дека Европа и САД „мора да дејствуваат како сојузници“ – и го повика републиканскиот лидер да покаже „почит“.
Кошта, на прес-конференција во Ирска, рече дека тие го почитуваат изборот на Американците и оти тие треба да ги почитуваат демократските избори на граѓаните. Според него, сојузниците треба да се однесуваат како сојузници и да не се мешаат во внатрешниот политички живот на земјите.
„Кога сите лидери ќе ме изберат мене за претседател на Европскиот совет, претседателот Трамп мора да го почитува ова. Како што ние го почитуваме тоа што американските граѓани го избраа за претседател на Соединетите Американски Држави. Така е, сојузниците се однесуваат едни кон други“,
додаде тој.
Одговор до Политико за коментарите на Трамп има и од главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо.
„Многу сме задоволни и благодарни што имаме одлични лидери, почнувајќи од лидерот во овој дом, претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен, на која сме навистина горди, која може да нè води во многуте предизвици со кои се соочува светот“,
рече Пињо.
Пињо, исто така, ги пофали „многуте други лидери на чело на 27-те земји-членки кои се дел од овој европски проект, од овој мировен проект, кои ја водат ЕУ со сите предизвици со кои се соочува, од трговија до војна во нашето соседство“.
„Затоа, дозволете ми да ја искористам можноста да го повторам она што е чувството на многу од милионите граѓани во ЕУ: Ние сме горди на нашите лидери“,
вели таа во одговор за Политико.
Пред неколку дена беше објавена новата американска Стратегија за национална безбедност, во која беше нагласено дека ЕУ „негува отпор“ кон европскиот статус кво за имиграцијата и други политички нестабилни прашања.
„Градови како Лондон и Париз крцкаат под товарот на миграцијата од Блиски Исток и Африка. Без промена во граничната политика, некои европски држави веќе нема да бидат одржливи“,
смета Трамп.
Во однос на војната во Укарина, Трамп во интервјуто за Политико вели дека Русија очигледно е во посилна позиција и повтори дека инвазијата никогаш немала да се случи ако тој бил претседател на САД во 2022 година кога започна војната, тврдејќи дека Киев изгубил „многу стратешка територија“.
Американскиот претседател додаде дека Украина можеби ќе мора да прифати компромис.
Според него, украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да одржи претседателски избори.
„Мислам дека е важно да се одржат избори. Тие ја користат војната како изговор да не се одржат избори. Можеби Зеленски би победил. Не знам кој би победил. Но, тие немале избори долго време. Знаете, тие зборуваат за демократија, но во одреден момент, тоа веќе не е вистинска демократија“,
рече Трамп.
Тој го критикуваше украинскиот претседател за тоа што не ги проучил најновите мировни предлози.
„Треба да ги прочита. На неговиот тим му се допадна предлогот. Навистина им се допадна“,
додаде Трамп.
