Од „Бихаќка“ го повторуваат ставот дека вчерашните случувања поврзани до Груби се однапред договорени и режирани од ВМРО-ДПМНЕ и Демократската унија за интеграција (ДУИ), а сега се реализираат пред очите на јавноста
„Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци. Правда ќе има“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Не стивнуваат меѓусебните обвинувања меѓу опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија и владејачката ВМРО-ДПМНЕ по одлуката на Кривичниот суд да го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје за замена на ефективниот со куќен притвор на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
Од „Бихаќка“ го повторуваат ставот дека вчерашните случувања поврзани до Груби се однапред договорени и режирани од ВМРО-ДПМНЕ и од Демократската унија за интеграција (ДУИ), а сега се реализираат пред очите на јавноста.

Единствено што сè уште се чека, според СДСМ, е одговор на прашањето што ќе добие ДУИ за возврат.
„Правната држава е погребана. Сè е однапред договорено и режирано. Куќен притвор за лице кое веќе еднаш избегало од државата и за кое веќе имало одредено мерка притвор. Затоа го сменија јавниот обвинител, избраа судии и обвинители под нивна контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет, советник на Мицкоски во Уставниот суд, за в.д. обвинителка избраа сопруга на поранешен заменик-министер на ВМРО. Власта има целосна контрола врз обвинителството и судството. Одлуката за куќен притвор ја носи обвинител под Скопското обвинителство каде што за шеф пред само еден месец е избран Анел Фидоски. Јасно е што се случува“,
велат од Социјалдемократскиот сојуз.
На наводите од опозициската партија реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека го разбираат револтот на граѓаните од одлуката, но, според нив, тој се должи на состојбите во правосудниот систем што зад себе ги оставило седумгодишното владеење на СДСМ и ДУИ.
„Тоа незадоволство доаѓа по седумгодишна агонија на правосудните органи кои беа под политичка тортура и притисок на криминалната банда СДС–ДУИ и серија неказнивост за политичарите кои од просечно ситуирани граѓани станаа олигарси на грбот на граѓаните. Тоа време заврши, а криминогениот и до гуша во афери Артан Груби ќе одговара“,
велат од владејачката партија.
Извршната власт, наведуваат, во конкретниот случај имала обврска да го обезбеди Груби пред органите на правдата, што Министерството за внатрешни работи (МВР) го сторило, додека реакциите и обвинувањата што доаѓаат од СДСМ ги оценуваат како лицемерие.
„Лицемерието на СДС се гледа и во фактот што до вчера велеа дека власта го пуштила (Артан Груби) да избега, а од денес велат дека е договорено неговото обезбедување пред органите на прогонот. Вистината е дека Артан е ортак во криминалите на (Зоран) Заев, (Венко) Филипче, (Оливер) Спасовски и сите заедно ќе одговараат. Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци. Правда ќе има“,
порачуваат од владејачката партија.

Претходно утрово се огласија и од коалицијата ВЛЕН, дел од власта, од каде сметаат дека кај нивниот политички опонент ДУИ владее паника по враќањето на Груби од бегство бидејќи, како што наведуваат, тој е сведок на сите матни зделки, политички конструкции и договори што со години се правеле на штета на граѓаните.
„Куќниот притвор е последица на подготвеноста на Груби институционално да се соочи со сопствените гревови. Поентата е дека институциите конечно ја отвораат темата што ДУИ со години ја закопуваше, како се управуваше моќта и каде завршија одлуките и парите“,
велат од ВЛЕН.
Поранешниот прв вицепремиер и министер Артан Груби по повеќе од една година бегство од државата вчера наутро во 6:10 часот се појави на косовско-македонската граница при влез во земјава на граничниот премин „Блаце“.
Тој беше спроведен во затворот „Скопје“, во населбата Шуто Оризари, а потоа оттаму однесен на распит во Основното јавно обвинителство Скопје.
Од Основниот кривичен суд Скопје синоќа соопштија дека судија на претходна постапка по сослушувањето на Груби донесе решение со кое го прифати предлогот на јавниот обвинител и одбраната за определување мерка куќен притвор со дополнителни мерки за обезбедување на неговото присуство.
Груби е второосомничен во случајот со проневери во „Државна лотарија“. Тој ја напушти државата пред Обвинителството официјално да отвори истрага за случајот, а успеа да излезе од земјава и да влезе во Косово и покрај тоа што беше на т.н. „стоп-листа“. Тогаш тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово, наведувајќи дека штом ги заврши обврските, ќе се врати дома.
Првоосомничен во случајот е поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот.
