Деановска-Трендафилова нагласи дека изработката на законот била тешка задача поради комплексноста на материјата, различните ставови и уставните ограничувања, но и поради потребата да се исполнат меѓународните препораки
Според јавната обвинителка Лидија Раичевиќ, недоволно дефинираните гаранции за платите на јавните обвинители, ограничувањето на надоместокот за дежурства, изоставениот пристап до работно место, како и нејасната институционална позиција на јавното обвинителство, се клучните забелешки што треба да бидат поправени со предлог‑законот за јавно обвинителство

Детална реформа на дисциплинските постапки, поголема самостојност на обвинителите и воведување јасен мерит-систем се дел од клучните точки на новиот предлог-закон за јавно обвинителство. На денешната јавна расправа во Собранието, експертите и обвинителите ги соочија ставовите за законското решение кое треба да донесе европски стандарди во правосудниот систем.
Предлог-законот предвидува модернизација на постојната законска рамка, унапредување и оценување на обвинителите, како и зајакнување на гаранциите за нивната самостојност.
Меѓу клучните новини се поефикасен систем за оценување, прецизирани критериуми за професионалност, подобрено управување со предметите и подетализирана дисциплинска постапка со јасни рокови и механизми за спречување злоупотреби.
Законот ги зголемува и стандардите за транспарентност при изборот на јавниот обвинител, преку јавни седници на Советот на јавни обвинители, јавно презентирање на програмите на кандидатите и објавување на нивните биографии.
Професорката Александра Деановска-Трендафилова, која учествуваше во изработката на текстот, истакна дека една од примарните задачи била прецизирање на дисциплинските постапки согласно препораките на ГРЕКО.
Деановска-Трендафилова нагласи дека изработката на законот била тешка задача поради комплексноста на материјата, различните ставови и уставните ограничувања, но и поради потребата да се исполнат меѓународните препораки.
„Се случуваше дисциплинска постапка против јавен обвинител да трае со години и да виси како Дамоклов меч врз него, без рокови, без евиденција, без бришење на осуди“,
истакна професорката.

Новото решение, како што рече, воведува три категории на дисциплински повреди, со јасни рокови, мерки и критериуми за постапување.
Деановска-Трендафилова посочи дека реформите мора да бидат придружени со реално зајакнување на институцијата и потенцира дека без силно обвинителство ниту судот може да донесе квалитетни пресуди.
„Она што Јавното обвинителство не го поднело како обвинителен акт, судот не може да го пресуди“,
нагласи Деановска-Трендафилова.
Професорката истакна дека работната група се движела во рамките на уставните ограничувања, а едно од нив е и потребното мнозинство за носење на законот, но настојувала да ја зголеми транспарентноста.
Според неа, со овој закон се зајакнува самостојноста на јавните обвинители, дека ќе се оценуваат на пократок рок, а се предвидува и потранспарентна процедура за избор на државниот јавен обвинител. Таа смета дека со законот не може да се предвиди државниот обвинител, а се избира со квалификувано мнозинство повикувајќи се на амандманот 10 од Уставот.
„Бидејќи во делот на јавен обвинител на државата, Уставот не предвидува посебно мнозинство сметавме дека ако ставиме вакво нешто во моментот не може. Не вели со закон да се предвиди посебно мнозинство, со Устав. Уставот тука не предвидел експлицитно, ние и во Кривичниот законик имаме на пример за обидот општо правило е експлицитно наведени за другите случаи. Така што во тој дел без оглед дали мислиме дека треба или не треба , моментално можевме само ова да го направиме“,
рече Деановска-Трендафилова.
Таа го нагласи и значењето на улогата на Советот на јавни обвинители.
„Советот е сериозен филтер, ако не даде позитивно мислење за ниту еден кандидат, Владата не смее да предложи ниту еден од нив“,
појасни Деановска-Трендафилова.
Според неа, во делот на разрешувањето, работната група ги следела препораките на Венецијанската комисија, а во однос на одговорноста на државниот обвинител објасни дека таа мора да биде поврзана со неговите надлежности.
Работната група, според неа, се одлучила за решение адаптирано на нашата ситуација, имајќи ги предвид долгогодишното искуство и резултатите на дел од обвинителите.
Слаѓана Тасева од „Транспаренси“ вели дека државата треба да се заложи и да им даде услови за работа на обвинителите затоа што тогаш може да се зборува за интероперабилност.
„Што значи тоа? Пристап до 13 бази на податоци, можност за прибирање на доказите на електронски начин, да не мора да се пишува се во хартиена форма. Ние немаме во овој текст на законот, како да нема ни намера да се направи современо јавно обвинителство, туку се држиме на она што ние си го знаеме затоа што така сме навикнати и затоа што така ни е згодно“,
рече Тасева.
Според јавната обвинителка Лидија Раичевиќ, недоволно дефинираните гаранции за платите на јавните обвинители, ограничувањето на надоместокот за дежурства, изоставениот пристап до работно место, како и нејасната институционална позиција на јавното обвинителство, се клучните забелешки што треба да бидат поправени со предлог‑законот за јавно обвинителство.

„Достоинството на јавниот обвинител започнува со неговата плата. Постојат одредби во законот што се однесуваат на гаранциите дека платата на јавниот обвинител не смее да се намали. Обвинителството од кое доаѓам реагира на оваа состојба и реагира на сите обиди да платата на јавниот обвинител било преку коефициент или каков било друг облик да се намали“,
рече Раичевиќ.
Јавната расправа следува откако Собранието ја утврди потребата од донесување на законот и ја помина првата фаза од собраниската процедура.
