На новинарско прашање во која форма ќе биде воден тој процес на изразување незадоволство, односно дали тоа ќе се случува преку групации или фракции во партијата, рече дека наскоро ќе излезат со одредена платформа која ќе побара сериозни реформи внатре во СДСМ
Ексградоначалникот на Скопје од редовите на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) во вечерашната „Тема на денот“ на ТВ Сител рече дека опозициската партија кадровски се испразнила и најави дека наскоро поголема група социјалдемократи ќе побара оставка од актуелното раководство.

„Жално е тоа што му се случува на СДСМ. Кадровски сериозно е испразнет. Луѓето што можеа да помагаат, а се СДСМ, очигледно е дека не се пожелни. Сите не дочекаа на нож зашто укажавме дека начинот на раководење со партијата во последните неколку години, ја носи партијата на прагот на политичка егзистенција. СДСМ стана петта партија во Скопје, трета партија во Битола, Прилеп, Велес, Штип. И кога барате одговорност за тоа, велат дека ВМРО ве платило или ве уценувало“,
рече тој.
За обвинувањата дека одработува за владејачката партија, Шилегов вели дека не може да се случи да работи за ВМРО-ДПМНЕ, односно дека тоа повторно може да го прави само за СДСМ.
Зборувајќи за тоа како ќе го изразат незадоволството, односно дали може да се очекуваат групации или фракции, рече дека процесот е активен, како и дека е поголем бројот на оние што не се согласуваат со тоа како се води партијата од страна на актуелното раководство.
„Процесот е активен, ќе се обидеме да дојдеме до здрава политичка логика и да ги замолиме луѓето што ја раководат, тоа да не го прават повеќе. Да дојдат некои други луѓе да ја раководат партијата“,
кажа Шилегов.
Според него, процесот е воден од луѓе што политички израснале во СДСМ.
„Мојот ангажман е од пред 20 години, но има луѓе што се таму од младинци“,
вели тој.
Посочи дека Македонија е држава без опозиција, а тоа оди во полза на партијата Левица.
Токму затоа смета дека критички настроените граѓани сега ја бараат опозицијата токму во Левица.
На новинарско прашање во која форма ќе биде воден тој процес во СДСМ, рече дека јавноста нема да би исклучена од случувањата, додавајќи дека наскоро ќе излезат со одредена платформа која ќе побара сериозни реформи внатре во партијата.
„Кај граѓаните опозициското чувство е високо, но вака организиран СДСМ, безличен и без можност да привлече нови гласови, очигледно е дека треба да се бара поинаков пристап“,
заклучи Шилегов.
