Остана да важи традицијата загарантирана од каноните дека единствено Вселенската патријаршија издава томос за автокефалност, а другите цркви тоа со почит го прифаќаат, вели поглаварот Стефан во интервјуто за грчкиот весник кое коинцидира со денешниот чин на врачување томос од СПЦ за МПЦ-ОА
Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, во интервју за грчкиот весник „То Вима“, вели дека Охридската архиепископија (ОА) ќе го почитува канонскиот поредок на православната црква и ќе бара томос за автокефалност од Вселенската патријаршија, затоа што таа е единствената црква што, според традициите и каноните, издава таков документ, пренесува „Религија.мк“.
Интервјуто на архиепископот Стефан коинцидира со денешното врачување томос од Српската православна црква за МПЦ-ОА во Белград, чин што во некои кругови во Северна Македонија беше оценет како излегување од воспоставената пракса и потенцијална провокација за Вселенскиот патријарх, Вартоломеј.

Архиепископот Стефан, во интервјуто за „То Вима“, вели дека очекува томосот што ОА ќе го добие од Вселенската патријаршија да го прифатат сите помесни православни цркви.
Тој порачува и дека целта на Охридската архиепископија не е да има експресни решенија, што ќе ја постават црквата на половина пат помеѓу, туку вистинска автокефалност призната од сите.
„Во православното предание има ред на работите. Ние се надеваме за автокефалија, како што добија и од кого добија сите послехалкидонски цркви. Ниту бараме, ниту посакуваме, ниту заслужуваме експресни решенија, не сакаме нешто што ќе ја постави Охридската архиепископија на половина пат и помеѓу. Во подготвителните заседанија, но и со разговорите во Шамбези, беше поставено прашањето за начинот на доделување на автокефалноста, односно тоа да се одвива по пат на некаков сеправославен консензус и да биде потврдено од сите претстојатели на црквите. Вселенскиот патријарх беше многу снисходлив, откажувајќи се и од своите права, за, сепак, да се дојде до општо задоволство и мир во меѓуправославните односи. Но, тоа што се предлагаше не се договори конечно и не беше усвоено и прогласено за важечко правило со сеправославно решение. Остана да важи традицијата загарантирана од каноните дека единствено Вселенската патријаршија издава томос за автокефалност, а другите цркви тоа со почит го прифаќаат“,
вели г.г Стефан во интервјуто за „То Вима“.
Црковниот аналитичар и новинар, Бранко Ѓорѓевски, по денешниот настан во Белград, изрази надеж дека чинот на СПЦ е координиран со Вселенската патријаршија.
„Денешното давање на томосот за автокефалност на нашата црква од страна на СПЦ може да се поддржи доколку е тоа предвидениот пат до добивање на вистинскиот томос за автокефалност од страна на Вселенската патријаршија. Јас се надевам дека со ова е запознаена и дека се е искоординирано со Вселенската патријаршија. Не би сакал да се случи ситуација во која Вселенската патријаршија би реагирала, би се спротивставила на чинот на издавањето на томосот од една православна црква и би го запрела и закочила процесот на издавање на нејзиниот томос кој е единствено легален и легитимен“,
порача тој.
Ѓорѓевски вели дека извори во МПЦ-ОА денеска му рекле оти ова било предвидена процедура и дека овој томос од Белград ќе биде испратен до сите православни цркви и до Вселенската патријаршија. Односно, дека на крајот треба да се очекува заедничко потпишување на томосот за автокефалност од страна на Српскиот патријарх и од Вселенскиот патријарх со што нашата црква ќе стане автокефална.