Според податоците од СВР Охрид, само во првите шест дена од април протокот на патници е зголемен за 11 отсто во споредба со истиот период минатата година

Пониските цени на нафтените деривати и основните прехранбени продукти во Македонија предизвикаа зголемена фреквенција од посетители од Албанија. Граничниот премин „Ќафасан“ бележи значително зголемена фреквенција, особено за време на викендите, кога жителите од пограничните места доаѓаат во Струга на еднодневни посети.
Според податоците од СВР Охрид, само во првите шест дена од април протокот на патници е зголемен за 11 отсто во споредба со истиот период минатата година.
„Во период од 1 до 6 април во полициската станица за ГП ’Ќафасан’ остварен е проток на 40 734 патници, што е за 11 проценти зголемување за истиот период во 2025 година кога на овој премин поминале 36 775 патници“,
велат од полицијата.
Податоците покажуваат оти во првите шест дена од месецот во државата влегле 20 952 патници во споредба со 2025 година кога таа бројка била 18 351. Бројот на патници што излегле од државата е 19 782, додека во истиот период лани таа бројка била 18 424.
Зголемување на протокот на патници за влез и излез на ГП „Ќафасан“, според статистиката на полицијата, има и во првите три месеци од годината во споредба со истиот период лани.
„Проток на патници за јануари, февруари и за март годинава, во споредба со истиот период 2025 година, е зголемен за шест отсто. Во првите три месеци од оваа година остварен е проток на 435 534 патници, а истиот период во 2025 година – 411 677 патници. Во овој период во државата влегле 223 498, а излез направиле 212 036 патници“,
покажуваат податоците од СВР Охрид.
Премиерот Христијан Мицкоски, претходно неделава, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека имаме стабилни количини гориво и не треба да има никакви стравувања, иако потрошувачката е зголемена на дневна основа поради притисокот на одредени погранични места.
„Од аспект на количини сме стабилни, имаме доволно, тука не треба да имаме никакви стравувања, зголемена е потрошувачката, од 1,5 милион литри на ден на два милиони литри на ден. Имаме притисок на одредени погранични места, ја продолживме и мерката од 18 на 10 проценти ДДВ сè со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните и бизнисите“,
рече Мицкоски.
