Преговорите со Москва за руско-украинскиот мировен договор се „исклучително тешки“, изјави денеска советникот на украинското претседателство Михаилo Подољак, откако рускиот претседател Владимир Путин го осуди „недостигот на кохерентност“ на Украинците кој „создава тешкотии“.
„Преговорите се исклучително тешки, бидејќи руската страна останува на својата традиционална тактика на јавен притисок врз преговарачкиот процес, особено преку одредени изјави“,
изјави Подољак.
Од друга страна пак, Путин денеска го обвини Киев дека отстапил од договорите постигнати во Истанбул, наведувајќи дека Русија ќе ја продолжи „воената операција“ во Украина додека не ги реализира поставените задачи.
„Во Истанбул постигнавме одредено ниво на договор, кој се состоеше во тоа безбедносните гаранции за Украина – а украинската страна наметнува многу строги безбедносни гаранции за себе – да не се прошират на територијата на Крим, Севастопол и Донбас. Видовме, следеа наши активности за создавање услови за продолжување на договорот – преговарачкиот процес. Наместо тоа, се соочивме со провокација во Буча и што е најважно, украинската страна се повлече од договорите во Истанбул“,
рече Путин.
Украинската и руската мировна делегација одржаа и неколку средби во живо, а иако беше договорено повлекување на руските сили од Киев, засега не е постигнат договор за целосен прекин на огнот .