За време на контролата на почетокот на месецов, само кај еден оператор нештетно се уништени шест килограми небезбедна храна, за разлика од контролите во ноември 2024 година кога нештетно биле уништени 40 килограми небезбедна храна
Состојбата со безбедноста на храната во старските домови е значително подобрена во однос на претходните контроли спроведени во ноември 2024 година – соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) по спроведените вонредни инспекциски контроли во старските домови на почетокот на месецов.

„Со контролите утврдено е дека само еден не бил регистриран како оператор со храна во АХВ, за што му е изречена времена забрана за работа, глоба и даден е налог за негова регистрација во Агенцијата“,
информираат од АХВ.
Оттаму додаваат дека еден оператор со храна не ги задоволувал хигиенските барања за безбедност, а четири од контролираните старски домови немале спроведено задолжителен здравствен преглед за вработените лица.
„За утврдените недоследности кои се однесувале и на нередовно водење на записи за добра хигиенска и добра производствена пракса, недоставување на увид сертификати за спроведени обуки од областа на хигиената на храна, евиденција за набавки, доцнење со спроведување на задолжителни мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација и други помали недоследности, издадени се и три решенија со наредби за нивно отстранување и две опомени. За сторени прекршоци од поголем обем изречени се глоби во вредност од 1 550 евра за четири оператори, а само од еден контролиран оператор нештетно се уништени шест килограми небезбедна храна“,
соопштија од АХВ.
При контролите во старските домови во ноември 2024 година, АХВ утврдила дека 14 не се регистрирани како оператори со храна во Агенцијата, а нештетно беа уништени 40 килограми небезбедна храна. Издадени биле 16 решенија со наредби за отстранување на утврдени недоследности, а парични казни им биле изречени на 18 домови.
