За двајца осомничени, кои беа приведени во акцијата во февруари годинава, постапката е запрена поради немање докази и тие не се опфатени со обвинението
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинителен предлог против поранешниот директор на затворот „Скопје“ и уште седум полициски службеници од оваа казнено-поправна установа. Тие се осомничени дека во првата половина од минатата година им овозможувале погодности на осуденици кои немале право на тоа според судските одлуки.

Иако во соопштението од Обвинителството не е наведен идентитетот на поранешниот директор, ниту на другите седум обвинети затворски полицајци, извесно е дека станува збор за ексдиректорот на установата Филип Андонов против кого ОЈО ГООК во февруари годинава отвори истрага.
Според обвинението што го поднел јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поранешниот директор и двајца полициски службеници се товарат дека сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, а еден од полицајците ќе одговара и за несовесно работење во службата.
За кривичното дело несовесно работење во службата обвинети се и другите петмина полициски службеници.
Според краткиот опис на делото, од Обвинителството велат дека ексдиректорот и другите обвинети лани во периодот од март до јули со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија, односно на петмина осуденици им овозможиле погодности што согласно судските одлуки не им следувале.
„Тие дозволиле осудените да бидат спроведени до нивните домови и до други локации за приватни потреби спротивно на постапката за спроведување на лица лишени од слобода надвор од установа“,
се наведува во соопштението од ОЈО ГОКК.
Постапката за случајот беше отворена на крајот на февруари годинава со претреси на повеќе локации што во координација од ОЈО ГОКК ги извршија екипи на Министерството за внатрешни работи.
Во акцијата тогаш беа приведени поранешниот директор на затворот „Скопје“ и уште 10 затворски полицајци под истите сомневања наведени во обвинението. На предлог на Обвинителството на тогаш осомничените Основниот кривичен суд Скопје им определи мерки за претпазливост.
За двајца од тогаш обвинетите Обвинителството донело решение со кои постапката против нив е запрена поради немање докази и тие не се опфатени со обвинението.