Обвинителството во истражната постапка утврдило дека на 21.07.2021 година, при извршување работи на сепарација на реката Вардар, обвинетиот управител и правното лице воопшто не постапувале според прописите и мерките за заштита, прекршувајќи ги Законот за работни односи и Законот за безбедност и здравје при работа

Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинителен акт против еден осомничен од Неготино, како управител на правно лице, за тешки дела против општата сигурност по настан од јули 2021 година, во кој еден работник го загуби животот, а друг се здоби со повреди.
Обвинението се однесува на тешки дела против општата сигурност, а за предизвикување општа опасност одговорност се бара и од правното лице чиј сопственик и управител е обвинетиот.
Обвинителството во истражната постапка утврдило дека на 21.07.2021 година, при извршување работи на сепарација на реката Вардар, обвинетиот управител и правното лице воопшто не постапувале според прописите и мерките за заштита, прекршувајќи го Законот за работни односи и Законот за безбедност и здравје при работа.
Како последица на ова, работникот Петар Мицев го загубил животот, додека негов колега се здобил со телесни повреди.
Обвинетиот управител, како што велат од Обвинителството, го ангажирал починатиот без склучен договор за вработување, не проверил дали работникот ги исполнува условите, ниту му овозможил безбедни услови за извршување на задачите.
Управителот му дозволил на починатиот да управува тешко моторно возило – камион, без да провери дали има соодветна возачка дозвола за наведениот тип возило.
На денот на настанот, оштетениот со камионот на правното лице вршел превоз на песок. Во кабината бил и другиот оштетен како совозач.
Несреќата се случила кога камионот поминувал низ импровизирана патека, односно тесен насип од чакал, кој од двете страни бил опкружен со течението на Вардар. Камионот се превртел и паднал во реката.
Совозачот успеал да излезе низ прозорецот и да исплива на брегот, здобивајќи се со телесни повреди, додека возачот останал заробен под возилото и починал.
Во текот на истрагата, Обвинителството обезбедило докази и против еден вработен во АД „Водостопанство на РСМ“ подружница Тиквеш–Кавадарци.
Ова службено лице, кое било присутно на сепарацијата, со свој службен потпис заверил повеќе испратници со невистинита содржина. Поради ова, тој се товари дека сторил продолжено кривично дело фалсификување службена исправа.
