Како што информира скопското обвинителство, двајцата обвинети физички ги нападнале новинарот и снимателот, удирајќи им боксови и шлаканици, притоа попречувајќи ги во извршување на службените должности
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе обвинение против две лица – маж и жена – кои се товарат за сторено кривично дело спречување службено лице во вршење службено дејствие, односно на новинарската екипа на ТВ Алсат, која известуваше од терен за време на пожарот на отпадот во Визбегово.

Изнесувајќи детали за настанот со датум од 9 јули, од Обвинителството посочуваат дека новинарот и снимателот со телевизиски беџови пристигнале на локацијата за да снимаат прилог, кога биле пресретнати од двајцата обвинети, кои им кажале дека немаат дозвола за снимање оти отпадот бил на приватен имот на кој тие се сопственици.
„Кога телевизиската екипа, сепак, продолжила со вршење на својата службена дејност, најпрво жената физички го нападнала снимателот, го удрила со нога и со бокс, го фатила за врат и ја превртела и ја оштетила камерата. Новинарот застанал меѓу нив за да го заштити снимателот и опремата и започнал да снима со мобилен телефон“,
наведуваат од Обвинителството.
Жената со нога го удрила и новинарот, а потоа и неговиот телефон, кој кога паднал наземи му го одземала. Со закани и навреди пристапил и обвинетиот маж, кој на новинарот му удрил шлаканица и го избркал од местото.
Во врска со случајот, Обвинителството до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на претходно определените мерки – притвор за обвинетиот и куќен притвор за обвинетата. Истовремено, додаваат од ОЈО Скопје, продолжува предистрагата во врска со избувнувањето на пожарот на отпадот во Визбегово.
Пожарот на отпадот во Визбегово избувна минатата среда.