Јавниот обвинител, кој го води случајот, заедно со обвинителниот акт, до Судот доставил и предлог на обвинетиот да му биде продолжен претходно определениот притвор
Скопското основно јавно обвинителство поднело обвинителен акт против 37-годишен жител на главниот град против кого се водеше истрага за брутално силување жена во населбата Сопиште во февруари годинава.

Скопјанецот, како што соопштија денеска од Јавното обвинителство, е обвинет за кривичното дело полов напад и силување согласно член 186 став 3, а во врска врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според краткиот опис на случајот, обвинетиот делото го сторил на вечерта на 21 февруари, кога со умисла и на сила, спротивно на јасно изразената волја на жртвата, ја присилил на полов однос.
Делото го извршил во автомобил, на паркинг во Сопиште, така што најпрво без согласност започнал да ја допира жената, а потоа станал и насилен кон неа затоа што го одбивала.
„Ја удирал со тупаници, па дури и со нога во лицето, предизвикувајќи ѝ телесни повреди – подливи, нагмечување и скршеница на носните коски. Иако му кажала дека не сака да има ништо со него, насила ја соблекол и ја принудил на полов однос. За цело време оштетената безуспешно се бранела и се обидувала да се оттргне“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Јавниот обвинител, кој го води случајот, заедно со обвинителниот акт, до Судот доставил и предлог на обвинетиот да му биде продолжен претходно определениот притвор.