Обвинетиот, велат од ОЈО, со гнев и омраза го свртел погледот кон оштетениот и започнал да гестикулира и да извикува нацистички поздрави, да пцуе и да упатува навредливи зборови на германски јазик

Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз основа на национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.
Обвинението се однесува на напад извршен кон директорот на Фондот на Холокаустот на Евреите во Македонија, припадник на еврејската заедница.
Инцидентот се случил на 26 декември минатата година, пред просториите на Фондот на улицата „11 Март“ во Скопје. Според описот од ОЈО, обвинетиот, 59-годишник, поминал пред влезот и почнал да се однесува агресивно додека оштетениот ги извршувал своите работни задачи.
Обвинетиот, велат од ОЈО, со гнев и омраза го свртел погледот кон оштетениот и започнал да гестикулира и да извикува нацистички поздрави, да пцуе и да упатува навредливи зборови на германски јазик.
Оштетениот веднаш го пријавил инцидентот кај полициското возило кое било во близина. Дури и кога полициските службеници му пристапиле на обвинетиот за легитимирање, тој продолжил да се заканува. Поради тоа, оштетениот почувствувал загрозување, несигурност и страв и се повлекол во просториите на музејот.