Јавниот обвинител до судот достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот

Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена истражна постапка, поднесе Обвинителен акт против 37-годишно лице кое се сомничи за кривично дело убиство во обид при вршење семејно насилство.
Според доказите, како што велат од Обвинителството, обвинетиот во семејниот дом во населбата Марино, со умисла се обидел да го лиши од живот сопствениот брат, удирајќи го со дрвена ногарка по главата.
Според Обвинителството, во нападот повредениот брат изгубил свест. И покрај тоа, обвинетиот воопшто не се обидел да му помогне, туку легнал да спие.
Утрото, кога забележал дека брат му сè уште лежи на истото место во локва крв, обвинетиот повторно го оставил и настанот го пријавил дури неколку часа подоцна.
На оштетениот му биле констатирани повеќе тешки телесни повреди со кои му бил загрозен животот.
Јавниот обвинител до судот достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот.
Инаку, за настанот од ОЈО информираа на 20 октомври кога е поведена истрага за осомничениот, а тогаш кажаа дека убиството се случило два дена порано, на 18 октомври.
