Пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива ја реализира најавата и достави 3 000 амандмани на трите закони од петтиот пакет антикризни мерки за ковид-19. На вечерашната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет, претседателот на ова собраниско тело Тимчо Муцунски, информирал дека се поднесени амандманите и соопштил дека тие се проследени на превод на албански јазик, по што Комисијата повторно ќе се состане.
Тоа, според информации од Собранието, би можело да се случи по неколку дена. Бидејќи законите се по скратена постапка, расправата по амандманите е предвидено да трае само три дена, а потоа законите би можеле да се изгласаат.
Седницата на Комисијата за финансирање и буџет за антикризните закони беше закажана откако пратениците денеска го усвоија дневниот ред на 36. седница и по предлог на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, се договорија да ги повлечат сите точки и да расправаат само за трите закони од петтиот пакет антикризни мерки, како и за Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија.
Потоа, координаторот на пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Скендер Реџепи, најави дека пратениците подготвиле околу 3 000 амандмани.