Како што информираат од МВР, тие се осомничени бидејќи во текот на 2023 година не извршиле надзор врз работењето на раководители на подржуници на „Поштa“ и на тој начин дозволиле нивните подредени да спроведат набавки без спроведена постапка за јавни набавки во износ повисок од лимитот кој е одреден согласно закон
Поради постоење на основано сомневање за сторени кривични дела несовесно работење во службата, Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје поднел кривична пријава против двајца поранешни генерални директори на АД „Пошти на Северна Македонија“, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според соопштението, Кривичната пријава до надлежно Основно јавно обвинителството е поднесена против ексгенералните директори на „Пошти“ со иницијали В.С. и Б.А.
Како што информираат од МВР, тие се осомничени бидејќи во текот на 2023 година не извршиле надзор врз работењето на раководители на подржуници на „Поштa“ и на тој начин дозволиле нивните подредени да спроведат набавки без спроведена постапка за јавни набавки во износ повисок од лимитот кој е одреден согласно закон.
„Според сознанијата од превземените опсежни истражни дејствија пријавените во текот на 2023 година пропуштиле должен надзор над работењето на своите подредени раководители на подружници во друштвото, така што дозволиле да биде постапено спротивно на член 40 став 6 од Законот за јавни набавки, а во врска со член 9, став 1, точка г од овој закон, каде е пропишано дека договорните органи од оваа секторска дејност смеат да извршат набавки без спроведена постапка за јавна набавка која не смее да ја надмине висината од 24 000 евра“,
се вели во соопштението од МВР.
Наместо до оваа сума, осомничените овозможиле да бидат извршени набавки без спроведена постапка за јавна набавка во вкупен износ од 56 546 евра или за 32 546 евра, односно сума за која, според МВР го оштетиле буџетот на АД „Пошти на Северна Македонија“.