Претставници на граѓанската коалиција „Зелен хуман град“, која брои 20 граѓански здруженија, жестоко реагираат на најавените измени во Изборниот законик со кои прагот за собирање потписи за независни листи би се подигнал на 2 отсто од регистрираните избирачи во општините. Од Иницијативата велат дека ваквата измена, што вчера ја обелодени премиерот Зоран Заев, е недемократски и противуставен потег.
„Најавите на премиерот Зоран Заев се силен удар за демократијата во Македонија. Членот 62 од Изборниот законик не е менуван 15 години, откако Законот е на сила во 2006 година, а тоа е, всушност, членот во кој е уредено колку потписи се потребни за независни листи на локално ниво. Ние ќе се бориме на секој можен начин против ваквите недемократски практики кои се одлика на режимски земји, не на демократии. Со најавените измени ќе се прекршат дури седум члена од Уставот, ќе се загрози правото на граѓаните да можат независно, слободно да излезат на локалните избори во локалните самоуправи каде треба најмногу да го имаат гласот. Со прекршувањата на овие уставни членови се загрозува правото на слободно здружување, право на политичка определба, определба која не е партиска, тие права се насекаде во светот загарантирани“,
кажа на денешната прес-конференција Драгана Велковска од „Зелен хуман град“.
Од Коалицијата велат дека дури и сегашниот праг со кој, на пример, за Градот Скопје се потребни 1 000 потписи треба да се намали, како и да се олесни целиот бирократски процес.
„Се бара од граѓаните да одат во подрачни канцеларии на ДИК, се бара во точно определени 15 дена да се собираат тие потписи, што во ек на летни одмори е, практично, невозможно“,
кажа Велковска.

Горјан Јовановски потсети на праксите во европските земји.
„Во Кипар и Малта потребни се само четири потписи за вие да поднесете независна листа на локални избори, во Грција се потребни 12, доколку гледаме во Германија или Данска – таму се потребни 200, што секако е далеку помалку од прагот што ние го имаме тука. Во Хрватска за да поднесете независна листа доволно е да излезете на улица и да барате потписи од граѓаните кои се надвор, а да не треба да одат во канцелариите на ДИК во точно одредено работно време“,
кажа Јовановски.

Од „Зелен хуман град“ укажаа на препораките во Извештајот на ОБСЕ ОДИХР од 2017г. каде е наведено дека треба да се размисли за стандардизирање на потребниот број потписи за независните кандидати на најмногу еден процент од регистрираните гласачи, како и на препораките на Венецијанската комисија, каде исто така се вели дека прагот треба да биде максимум 1 отсто. Оттаму веќе побараа претседателот Пендаровски да не ги потпишува законските измени.