Од вкупно 4 070 доделени ваучери, во периодот од 18 март до 25 март се подигнати 2 084, што претставува повеќе од половина од вкупниот број. По подигнувањето, ваучерите можат да се користат кај компаниите со кои Министерството има склучено договори за набавка и вградување на инвертер клима-уред
Подигнати се повеќе од половина од ваучерите за набавка и вградување на инвертер-клими, соопштија денеска од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, додавајќи дека процесот се одвива непречено и со засилена динамика.

„Од вкупно 4 070 доделени ваучери, од периодот од 18 март до 25 март се подигнати 2 084, што претставува повеќе од половина од вкупниот број“,
велат од Енергетика.
Оттаму потсетуваат дека списокот на граѓани што остварија право на оваа поддршка, како и списокот на компании од кои може да се набават уредите се објавени на официјалната веб-страница на Министерството.
„Граѓаните што се наоѓаат на списокот можат да ги подигнат ваучерите во меѓуопштинските центри за социјална работа во општината каде живеат до 17 април 2026 година. На веб-страницата се достапни сите информации за потребната документација и постапката“,
информираат од ресорното Министерство.
По подигнувањето, ваучерите можат да се користат кај компаниите со кои Министерството има склучено договори за набавка и вградување на инвертер клима-уред.
„Со ваучерот, граѓаните добиваат можност за набавка и вградување на инвертер клима-уред со моќност од 3,5 киловати и најмалку енергетска класа А+, во вредност до 28 000 денари, без дополнителна доплата. Ваучерите може да се искористат најдоцна до 15 октомври 2026 година“,
велат од Енергетика.
Станува збор за финална фаза од постапката по Јавниот оглас за 2025 година, во рамките на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија, во која право на поддршка имаа домаќинства што ги исполнија предвидените услови.
