Според Александар Пандов, опозицијата нема да учествува на изборите ако нема услови за нормална кампања, додека претходно Никола Тодоров излезе со сомневања дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги избегне дополнителните избори за да не доживее уште еден пораз
Александар Пандов, кој неодамна беше именуван за раководител на новоформираниот Патриотски институт на ВМРО-ДПМНЕ, најави вечерва можен бојкот на опозицијата на дополнителните избори за градоначалник на Штип, доколку, како што рече, нема услови за одење врата до врата, односно за кампања.
„ВМРО-ДПМНЕ посакува предвремени избори во Штип, но мора да напоменам само ако има нормални услови за функционирање. Ако изборите се регуларни, сто отсто сум сигурен дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Но, ако се повторат ситуации како претходно, на пример, сите од ВМРО-ДПМНЕ да ги затворат дома, а тие да делат рушвет низ градот и ако нема услови за нормална кампања, да отидеме од врата на врата, тогаш ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на такви избори“,
рече Пандев во гостување на Канал 5.
Дополнителните избори за градоначалник на Штип, кој би имал мандат од неполна година – до редовните локални избори, се распишани откако доскорешниот градоначалник Благој Бочварски беше избран за министер за транспорт и врски. Првиот круг од изборите за градоначалник на Штип, како и на Пласница, ќе се одржи на 13 декември, така што кандидатите би требало да бидат познати најдоцна еден месец претходно.
Пред извесно време, сомневања за можен бојкот на ВМРО-ДПМНЕ во Штип изнесе и ексминистерот за образование Никола Тодоров, кој сега е меѓу поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои бараат оставка од сегашното раководство, поради поразот на парламентарните избори.
Претпоставка на Тодоров е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да ги бојкотира изборите во оваа општина, за партиското раководство да избегне уште еден пораз, откако партијата ги изгуби локалните избори во 2017 година (кога Мицкоски беше генерален секретар на партијата н.з.), по што следуваше референдумот за името во 2018 година (кога дојде до расцеп во ВМРО-ДПМНЕ), а потоа опозицијата беше поразена и на претседателските избори во 2019 година, за на крајот и на годинашниве избори да освои помалку пратенички мандати од СДСМ.
На парламентарните избори на 15 јули, „натпреварот“ меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заврши безмалку нерешено, односно со незначителна предност на опозицијата за околу 60 гласа.
