Скопските пожарникари вечерва имаа успешна интервенција на гаснење на пожар и не е дозволија тој да се прошири и на соседните објекти. Сега работат на догасување и на расчистување на теренот
Под контрола е ставен пожарот што вечерва избувна во стара куќа во близина на црквата „Свети Спас“ на влезот на Старата скопска чаршија, информира Звонко Томевски, команданот на Противпожарната бригада на Град Скопје.
Засега не се познати причините за негово избувнување. На местото на пожарот вечерва се наоѓаат полициски екипи, кои треба да извршат увид.

Според Томовски, пожарот за кратко време е ставен под контрола.
„Успешно е интервенирано и не е дозволено пожарот да се прошири и на соседните објекти. Сега се работи на догасување и на расчистување на теренот“,
вели тој во изјава за МИА.
Веднаш по добивањето на дојава за настанат пожар, како што вели, се испратени три противпожарни возила.
„Но, пожарот веќе ја проби кровната контрукција и излегуваше од габаритите на самиот објект, за што дополнително се испратени две возила и 20 пожарникари што интервенираа на самото место“,
рече Томовски.
Инаку, од фотографиите што се споделуваат на социјалните мрежи се гледа дека горат стари објекти што се наоѓаат веднаш спроти влезот на црквата „Свети Спас“, одделени со тесна улица.
Според неофицијални информации што ги пренесува МИА од терен, во опожарената куќа најчесто се собирале бездомни лица.
