Учебната година за сите ученици и од основното и од средното образование ќе трае до 10 јуни со исклучок на учениците од завршните години во средно образование, кои ќе имаат настава до 15 мај

За 245 илјади основци и средношколци денеска почнува новата учебна која ќе трае до 10 јуни. Од нив, 177 800 се основци, а 67 200 се средношколци. Според податоците од Министерството за образование, во прво одделение се запишани 17 250 првачиња, а 17 230 ученици ќе го почнат средното образование, иако овие бројки сè уште не се конечни.
Учебната година за сите ученици и од основното и од средното образование ќе трае до 10 јуни со исклучок на учениците од завршните години во средно образование, кои ќе имаат настава до 15 мај.
Според најавите, оваа учебна година учениците ќе ја почнат со навремено испорачани учебници.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека учебници се обезбедени за сите ученици, а првпат по седум години се отпечатени нови учебници по странски јазици – англиски, француски, германски и италијански. Исто така, учениците од седмо одделение и прва година во гимназиите ќе добијат нови учебници поради променетите наставни програми.
Во насока на подобрување на инклузијата, Јаневска вели дека е обезбеден зголемен број на образовни асистенти за основното, но за првпат и за средното образование.
Оваа учебна година во наставата се воведува вештачката интелигенција. За таа цел Јаневска вели дека е подготвен прирачник за едукација на наставниците и учениците, а кој има јасни инструкции за етичка и ефикасна употреба на новите технологии.
Дополнително, започнува да се користи нов електронски дневник со подобри перформанси, што ќе им олесни на наставниците во секое време да внесуваат и ажурираат податоци.