Учениците до трето одделение ќе ја следат наставата со физичко присуство. Другите основци од повисоките одделенија и средношколците ќе комуницираат со своите наставници преку националната платформа за учење од далечина, нешто што првпат се воведува во нашиот образовен систем
Одложено за учениците и редовно за студентите, денеска почнува учебната 2020/2021 година, која е со многу предизвици и неизвесности поради пандемијата на ковид-19.
Училишната година денеска треба да ја почнат 270 000 средношколци и основци, меѓу кои 19 илјади се првачиња – еден дел ќе бидат во клупите, а поголеми дел ќе учат на далечина, од дома.
Учениците до трето одделение, освен оние чии родители не се согласиле, ќе ја следат наставата со физичко присуство. Другите основци од повисоките одделенија и средношколците со своите наставници ќе комуницираат преку националната платформа за учење од далечина, нешто што првпат се воведува во нашиот образовен систем.
Министерката за образование и наука Мила Царовска, вчера, во пресрет на почетокот на учебната година, рече дека очекува најголем дел од учениците и наставниците денеска без проблеми да се вклучат на платформата, која изминатите денови беше тестирана и покажа извесни слабости. Според Царовска, сите тие проблеми ќе се решаваат тековно.
„Важно е образовниот процес да стартува, а ресурсите со кои располагаме се тие. Ние за три недели направивме децениски скок во дигитализација на образованието во државата. Она што го имаме, со тоа располагаме, ова е огромна лекција зошто треба да се инвестира тековно и неодложно во образованието“,
рече Царовска по реакциите во јавноста за проблемот со функционирањето на платформата и сомнежите дали проектот ќе биде успешен.
Платформата има околу 270 000 корисници и досега се најавиле околу 160 000. Професорот Боро Јакимовски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) вчера изјави дека платформата ќе може да го издржи оптоварувањето со голем број корисници и смета дека целата успешност не зависи само од платформата туку и од системите и податоците што се во неа, а ќе има начин и можност за приклучување.
Со физичко присуство и со здравствени протоколи, пак, покрај учениците до трето одделение, наставата ќе ја следат и повозрасни основци и средношколци од оние училишта кои ги исполниле критериумите и добиле дозвола од владината комисија формирана за да ги разгледува и да ги прифаќа или одбива барањата на општините како основачи на училиштата. Најголем дел се подрачни училишта кои имаат помалку ученици, а главен услов е состојбата со ковид-19 во одредена средина.
Според последните податоци што вчера ги соопшти министерката Царовска, околу 600 основни и средни училишта добиле дозвола наставата да ја почнат со присуство на учениците, а барања поднеле над 860 училишта. Одобренијата ќе се ажурираат месечно во зависност од епидемиолошката состојба. Според планот на Владата за наставата, основачите на училиштата (општините) најдоцна до секој 10 во тековниот месец ќе треба да ги достават до комисијата барањата за настава со физичко присуство со образложенија за исполнетост на условите во училиштата, а Комисијата во рок од седум дена ќе доставува предлог до Владата за давање согласност.
Ако родителите се премислат во одлуката и сакаат присуство наместо онлајн или обратно, од училиштата и градоначалниците ќе зависи флексибилноста, односно колку бргу може да се преадаптираат капацитетите што родителите сакаат да ги користат.
За учениците што немаат ИТ-уреди, а според анализите на МОН се работи за околу 40 000 ученици, настава ќе има и на Македонската радио-телевизија. Часовите за секој наставен предмет ќе бидат опфатени во 15-минутни видеа и во распореди што ги утврди Бирото за развој на образованието за учениците од прво до деветто одделение. Почетокот на ТВ-наставата ќе биде секој ден во 8:30 часот. За овие ученици, исто така, се предвидени и печатени материјали кои наставниците ќе им ги доставуваат на родителите.
Учебната година на 1 октомври почнува и на факултетите кои денеска ќе организираат прв академски час за новата генерација студенти. Пандемијата од март ги испразни и предавалните на универзитетите и студентите, исто така, главно имаат онлајн-настава.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ соопшти дека наставата во оваа академска година на дел од 23-те факултети ќе се одвива целосно онлајн, а на некои хибридно – онлајн и со физичко присуство поради природата на наставните содржини и методите на нивно изучување.