Во првата недела од предвидениот период активностите ќе се спроведуваат исклучиво на локациите со поставени камери на подрачјето на Град Скопје
Во рамки на проектот „Безбеден град“ од денеска до 31 јануари ќе се врши тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор. Тестирањата ќе се реализираат секој ден, од 8 до 20 часот, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Како што додаваат оттаму, за време на спроведувањето на овие активности возилата на локациите на кои се врши тестирањето нема да бидат пропуштани додека трае постапката.
Во првата недела од предвидениот период активностите ќе се спроведуваат исклучиво на локациите со поставени камери на подрачјето на Град Скопје.
„Ги повикуваме граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности“,
се наведува во соопштението на МВР.
Системот „Безбеден град“, според најавите на надлежните официјално треба да почне да функционира од 1 февруари.
