Во петте конфекции во Штип, кои привремено ќе бидат затворени поради ширењето на ковид-19, денеска почнува масовно тестирање.
Директорката на Центарот за јавно здравје-Штип, Марија Димитрова, вели дека денеска ќе земат околу 200 брисеви.
„На помош денеска ни пристигнаа и двајца лаборанти од Центарот за јавно здравје-Кочани. Сметаме дека во кадровскиот дел сме екипирани и со оваа помош ќе го извршиме тестирањето на текстилните работници“,
вели Димитрова.
На терен се две екипи, кои ги земаат брисевите од домовите на лицата кои се опфатени од масовното тестирање и еден тим работи во пунктот, кој зема брисеви по упат од матичните лекари. Според најавите, масовното тестирање на околу 500 работници во овие конфекции треба да заврши до 6 јуни.
Одлука за затворање на пет фабрики вчера донесе Кризниот штаб во Штип поради ширење на вирусот меѓу текстилни работнички.
