Оваа најголема инвестиција во фотоволтаична централа, вели премиерот Димитар Ковачевски, е огромен чекор за остварување на владините амбиции за обезбедување електрична енергија од обновливи извори на енергија
Од новоотворената соларна електрана со капацитет од 17 мегавати лоцирана во светиниколско Амзабегово, ќе се обезбедува струја за 5 500 домаќинства. Изградбата на капацитетот чија инвестиција е на Групацијата ГЕН-И почна лани, а 17 мегавати соларна енергија веќе се доставуваат низ мрежата, која е ставена во функција три месеци пред предвидениот рок.
Претседателот на Управниот одбор на ГЕН-И, Игор Коприварник, на денешната прес-конференција по повод почетокот со работа истакна дека новиот капацитет е најголемата соларна електрана што е изградена во државава и оти е клучна пресвртница во нивната работа, но и во зелената трансформација на регионот и Северна Македонија.
„Владата ги препозна инвестиците во соларни фотоволтаици како клучен чекор во исполнувањето на целите за одржливост. Кризата со енергенсите ги засега сите, цената на струјата расте, на крајот на август го достигна врвот од 1 000 евра по мегават час, поради што соларното производство на струја има уште поголемо значење, секој мегават час е важен“,
рече Коприварник.
Инвестицијата, според премиерот Димитар Ковачевски е огромен чекор за остварување на владините амбиции за обезбедување електрична енергија од обновливи извори на енергија.
„Денес не зборуваме за минатото, туку за иднинатата. Зборуваме за нови прокети што треба да ни донесат стабилност во снабдувањето со електрична енергија. Најголемата инвестиција во фотоволтаична централа покажува како работи одговорна Влада, како може да функционираат институциите на државно и на локално ниво и како во тоа има резултат што доаѓа три месеци пред зададениот рок“,
рече Ковачевски.
Групацијата ГЕН-И доби 17 од 35 мегавати што беа понудени на тендерот од Министерството за економија.
Ресорниот министер Крешник Бекшети посочи дека со оваа инвестиција се добиени дополнителни 17 мегавати, колку што е направено во изминатите 30 години во државава.
„Во рок од две и пол години ќе имаме инсталирана сила од над 220 мегавати, а се подготвуават и нови повици и се надевам дека мандатот ќе го заокружиме со над 30 мегавати само од фотоволтаици“,
најави Бектеши.