Административните пречки што со години ја стопираа реализацијата на проектот се надминати со заокружување на постапката за избор на изведувач на салата
Проектот се реализира по принципот „клуч на рака“, а реконструкцијата на Универзална треба да заврши до крајот на 2027 година. Ова, како што велат од Култура, е клучен проект во рамките на подготовките на главниот град за носење на престижната титула „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“
Почнува реконстркцијата и модернизацијата на Универзалната сала, еден од најзначајните културни симболи на главниот град и државата, информираат денеска од Министерството за култура и туризам.

Административните пречки што со години ја стопираа реализацијата на проектот, според ресорното Министерството, се надминати со заокружување на постапката за избор на изведувач за Универзална сала.
„Државната комисија за жалби по јавни набавки ја одби како неоснована жалбата на економскиот оператор и го потврди изборот на најповолна понуда за изведувач на проектот. Со решението дефинитивно се потврдува Одлуката за избор на најповолна понуда од 23 март 2026 година и е избран конечен изведувач на проектот. Со ова се отстранува и последната правна пречка за почеток на градежните работи“,
велат од Министерството за култура.
Проектот се реализира по принципот „клуч на рака“, а реконструкцијата на Универзална треба да заврши до крајот на 2027 година. Ова, како што велат од Култура, е клучен проект во рамките на подготовките на главниот град за носење на престижната титула „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Со новиот лик на Универзална сала, градот ќе добие модерна, функционална и репрезентативна културна институција, во која ќе можат да се одржуваат концерти, театарски претстави, фестивали и големи култирни настани.
„Ова е инвестиција во иднината на македонската култура, во нашите уметници, во нашата публика и во идните генерации“,
се вели во соопштението од Култура.
Универзална сала треба да биде готова до крајот на 2027 година, со што во 2028 година ќе биде подготвена за реализацијата на програмата за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“.
Во неа избувна пожар во април 2024 година, само еден месец откако продолжија градежните работи за нејзина реконструкција.
Почна да се реновира на крајот на мандатот на поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов.
Со доаѓањето на ексградоначалничката Данела Арсовска работите се стопираа за околу две години.
Потоа, со одлука на Владата, додека министерка за култура беше Бисера Костадиновска-Стојчевска, ресорното Министерство ја презеде салата од Град Скопје и се продолжи со реконструкцијата, која потоа беше стопирана од пожарот.
