Министерот за спорт Борко Ристовски вели дека со проектот, кој чини 54 милиони денари, е предвидена целосна реконструкција на објектот – поставување системи за греење и ладење, како и комплетна санација на внатрешниот и на надворешниот дел
Од денеска и официјално почнува реконструкцијата на спортската сала во рамки на комплексот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, која долги години беше нефункционална и руинирана. Министерот за спорт Борко Ристовски информира дека е предвидена целосна реконструкција на објектот – поставување системи за греење и ладење, како и комплетна санација на внатрешниот и на надворешниот дел.

За проектот, кој Ристовски очекува да биде завршен до крајот на годината, се издвоени 54 милиони денари.
„Се надеваме дека со поддршка на економскиот оператор и изведувачот ќе ја завршиме многу порано од предвидениот рок, тоа е до крајот на годината. Ќе пробаме, дали ќе успееме – ќе видиме. Ќе ги направиме сите напори оваа сала до крајот на годината да биде пуштена во функција“,
изјави Ристовски.
Министерот рече дека за да се стигне до фазата на реконструкција, претходеле голем број предизвици.
„Оваа сала немаше сопственик, но успеавме во соработка со Ректоратот салата најпрво да добие сопственик. Тоа не е нималку лесна работа, да беше лесно, ќе ја завршеа некои претходни, но очигледно дека навистина требаше да се вложиме заедно во оваа работа. Голема благодарност до ректорката и до нејзиниот тим за сè што сработивме во изминатата година. Кога желбата ќе ги надвладее проблемите, ова е резултатот“,
рече Ристовски.
Ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, рече дека со почетокот на реконструкцијата на салата се решава дводецениски проблем. Првиот договор за изградба на спортската сала, како што кажа, е направен во 2007 година со тогашната Агенција за млади и спорт и УКИМ, но дека оттогаш постоеле низа проблеми кои произлегле од нерешениот правен статус на објектот, како и проблеми со изведувањето на градежните работи.
„По две децении успеавме да ги решиме овие проблеми. Универзитетот паралелно направи нов проект за спортската сала и геодетски елаборат, со што се почна постапката за решавање на правниот статус, а водеше и постапка за издавање нова градежна дозвола бидејќи претходната беше истечена пред десетина години. Со препорака на државниот правобранител оваа спортска сала премина во сопственост на Владата, а потоа со одлука на Владата оваа сала е доделена во сопственост на УКИМ, за што сакам да изразам голема благодарност“,
рече ректорката на денешното отпочнување на градежните работи на салата.
Спортската сала ќе им служи на околу 7 000 студенти на УКИМ.
