На првиот ден од изборната кампања, дел од претседателските кандидати најавија промоција и презентација на програмата со која ќе настапат на изборите, а најава има и за отворање на изборни штабови
Седумтемина претседателски кандидати од денеска и официјално ја стартуваат кампањата за првиот круг од изборите за шеф на државата. Почетокот на кампањата е на точно 20 дена од гласачкиот ден, 24 април, а ќе трае до полноќ на 22 април, по што започнува дводневниот изборен молк.

На првиот ден од изборната кампања, дел од претседателските кандидати најавија промоција и презентација на програмата со која ќе настапат на изборите, а најава има и за отворање на изборни штабови.
Во Скопје денеска напладне ќе биде промовиран изборниот штаб на актуелниот претседател и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски, кој е поддржан од СДСМ и коалицијата. Според најавите, од денеска попладне Пендаровски го започнува и својот изборен караван со почетна точка на движење од Прилеп.
ВМРО-ДПМНЕ, која ја поддржа претседателската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова, за вечерва, на првиот ден од изборната кампања, најави митинг пред зградата на Владата во Скопје со почеток од 20 часот.
Претседателскиот кандидат на Движењето За наша Македонија (ЗНАМ), Максим Димитриевски, кампањата ја почнува од Крушево каде што ќе ја презентира програмата „Манифест за Македонија“.
Кандидатката за шеф на државата поддржана од Левица, Билјана Ванковска, ќе ја презентира изборната кампања на прес-конференција.
Претседателскиот кандидат на ДУИ, Бујар Османи, изборната кампања ја започнува со прес-конференција во 11:00 часот пред претседателската вила на Водно.
Според ждребувањето на Државната изборна комисија (ДИК), актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски ќе биде прв на гласачкото ливче на претседателските избори на 24 април. Втора е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, трет Стевчо Јакимовски од ГРОМ.
На четвртото место е Бујар Османи од ДУИ, петта е Билјана Ванковска Цветковска од Левица, шести е Арбен Таравари од Алијанса за Албанците и Европскиот фронт и седми е Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ.
Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај, заедно со изборите за пратеници.