Работиме интензивно и на дигитализација на програмите за скрининг на малигни заболувања, кажа министерот Алиу

Од денеска почнува кампања за навремено детектирање болести на црн дроб, а граѓаните ќе имаат можност бесплатно и анонимно да се прегледаат во 10 градови.
Кампањата започна од Скопје, каде на плоштадот „Македонија“, од 10 до 13 часот беше поставена мобилна амбуланта. Од 18 до 20:30 часот мобилна амбуланта ќе биде поставена во Куманово, а во следниот период мобилни медицински екипи ќе има и во Тетово, Гостивар, Струга, Охрид, Битола, Прилеп, Штип и Гевгелија по следниов распоред:
30 јули Тетово: 10:00–12:30 / Гостивар: 18:00–20:30;
1 август Струга: 10:00–12:30 / Охрид: 18:00–20:30;
4 август Битола: 10:00–12:30 / Прилеп: 18:00–20:30;
6 август Штип: 10:00–12:30 / Гевгелија: 18:00–20:30;
Граѓаните кои ќе дојдат добиваат стручен совет и, ако е потребно, ќе бидат упатени кон понатамошна специјализирана грижa, велат од Министерството за здравство.
Целта е подигнување на свесноста за црнодробните болести, како што се црнодробен карцином, замастување на црниот дроб од алкохолна и неалкохолна природа, цироза и ретки болести на црниот дроб.
Министерот за здравство Азир Алиу во изјава за медиумите денеска кажа дека се работи и на дигитализација на програмите за скринингот.
„Работиме интензивно и на дигитализација на програмите за скрининг на малигни заболувања бидејќи е важна временската рамка и постскринингот, односно следење на пациентот и навременото добивање резултат, ќе вложиме напори за да може технички и инфраструктурно да се подобри ‘Мој термин’ во однос на времето за резултат. Наскоро ќе ја соопштиме и новата методологија, која е при крај и новиот начин на креирање термини за преглед на пациенти“,
рече Алиу.