Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност се дел од реквизитите кои, како што рече градоначалникот на Скопје, ќе бидат дел од новиот луна парк кој ќе се протега на 84 000 квадратни метри
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека денеска почнува јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот луна парк во главниот град.

Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност се дел од реквизитите кои, како што рече Ѓорѓиевски, ќе бидат дел од новиот луна парк кој ќе се протега на 84 000 квадратни метри. Според градоначалникот, станува збор за ултрамодерен луна парк, кој ќе биде изграден според највисоки европски стандарди и кој ќе предничи како еден од најдобрите во регионот.
„По изминати децении во кои генерации деца беа лишени од местото што им припаѓа, место за игра, радост и незаборавни моменти, конечно започнуваме со реализација на проект што ќе ја означи новата ера на семејна забава во нашиот град. На овој простор ќе никне место каде што семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде што ќе има зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани, театар со затворена сцена и уште многу други реквизити кои ќе создадат уникатна атмосфера која ќе го збогати туристичкиот имиџ на Скопје“,
објави попладнево Ѓорѓиевски на својот профил на Фејсбук.
Градоначалникот додава дека луна паркот ќе биде комплетно приспособен и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видеонадзор и прва помош.
