Коментирајќи ја потребата од судии и обвинители од една страна и должината од две години за едукација на кадрите во Академијата, директорката Габер-Дамјановска нагласува дека недостатокот на судско-обвинителски кадар се должи на тоа што немало редовни приеми на нови кандидати изминатите години. Кратење на времетраењето на едукацијата, пак, вели таа, не е можно бидејќи тој период е зацртан и од ЕУ со оглед што проценката е дека нема еднакво знаење на правните науки како резултат на сите факултети кои се наоѓаат во државата

Во Академијата за судии и јавни обвинители почнува едукацијата на нова, осма по ред генерација на идни судии и обвинители. Станува збор за најмногубројната генерација во историјата на Академијата која постои од 2006 година.
Во наредните две години 97 кандидати ќе го поминат образовниот процес и доколку го положат завршниот испит, 55 од нив ќе треба да станат судии, а останатите 42 обвинители. До крајот на годинава, пак, се очекува да заврши едукацијата на претходната генерација
„Во меѓувреме, во својот практичен дел од наставата кој тече учествуваат други 59 кандидати кои се надеваме дека кон крајот на ноември оваа година успешно ќе го положат својот завршен испит и ќе ги пополнат местата кои ќе се испразнат во судството и обвинителството. Се надеваме дека овој тренд ќе продолжи, мислам дека е упатно со оглед на големите потреби на македонското правосудство за судии и обвинителите, ќе треба повторно да имаме нови конкурси преку кои ќе имаме дополнителни нови генерации на судии и обвинители“,
изјави директорката на Академијата, Наташа Габер-Дамјановска.
Колку ќе изнесува бројноста на една генерација, вели таа, зависи од проекциите што ќе ги направат Судскиот и Советот на јавни обвинители кои еднаш годишно испраќаат извештаи и врз основа на нив Академијата го утврдува бројот на кандидати.
Коментирајќи ја потребата од судии и обвинители од една страна, и должината од две години за едукација на кадрите во Академијата, Габер-Дамјановска нагласува дека недостатокот на судско-обвинителски кадар се должи на тоа што немало редовни приеми на нови кандидати изминатите години. Кратење на времетрањето на едукацијата, пак, вели таа, не е моќно бидејќи тој период е зацртан и од ЕУ.
„Од самото основање на Академијата и анализите кои се правени, бидејќи на некој начин Академијата се смета како дете на ЕУ, самата институционална позиционираност и сите елементи кои ја сочинуваат се поддржани и на некој начин зацртани од ЕУ. Должината на едукацијата се должи на проценката дека нема еднакво знаење на правните науки како резултат на сите факултети кои се наоѓаат во државата и од таа причина ЕУ инсистира образовните активности во Академијата да бидат две години и ни ден помалку. Но, затоа наша работа е да водиме сметка во моментот кога почнува една генерација, да гледаме што побрзо да може да има тестирање за друга па последователно да следуваат генерациите, да не се почувствува вакуум. Она што сега го имаме како недостаток е резултат на отсуството на тестирања и прием на кандидати во последните 10 до 5 години. Сега последните неколку години тоа е интензивирано, но ние во моментов не може да го надоместиме она што е пропуштено пред 10 години“,
изјави директорката.