Во Градот Скопје право на глас имаат 474 394 гласачи кои треба да се изјаснат за кандидатот Орце Ѓорѓиевски, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, и Амар Мециновиќ од Левица. Во првиот круг од изборите, Ѓорѓиевски освои 91 663 гласови, додека, Мециновиќ 30 665 гласови
Од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола утрово ќе започне дистрибуцијата на 1 013 357 избирачки ливчиња за гласањето на вториот круг на Локалните избори 2025, информираат за МИА од Државната изборна комисија (ДИК). Ќе се бираат градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје. Во сабота гласаат болните и изнемоштените, затворениците и лицата во домашен притвор, чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии. Локалните избори, според информациите на ДИК, ќе ги следат 1 569 набљудувачи, од кои 904 домашни и 651 меѓународни, а акредитирани за известување од изборите се и 14 странски новинари.

На 2 ноември в недела прегласување за членови на Совет ќе има на три избирачки места во општината Шуто Оризари, каде што е можно теоретски да се влијае за избор на мандатите за советници.
Во Градот Скопје право на глас имаат 474 394 гласачи кои треба да се изјаснат за кандидатот Орце Ѓорѓиевски, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и Амар Мециновиќ од Левица. Во првиот круг од изборите, Ѓорѓиевски освои 91 663 гласови, додека, Мециновиќ 30 665 гласови.
Втор круг од локалните избори ќе има и во скопските општини Карпош, Центар, Аеродром и во Шуто Оризари.
Интересна изборна битка се очекува во Карпош, каде противкандидати се актуелниот градоначалник Стевче Јакимовски и кандидатот поддржан од владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски. Тој во првиот круг од изборите освои 10 284 гласови, додека Јакимовски 8 761. Во првиот круг од изборите во оваа општина имаше уште тројца кандидати кои имаа нешто под и над 3 000 гласови. Во Карпош, според Избирачкиот список, право на глас имаат 56 856 избирачи.
Во скопската општина Аеродором во вториот круг противкандидати се Дејан Митески поддржан од ВМРО-ДПМНЕ кој во првиот круг од изборите доби 16 357 гласови, и Александар Трајановски од СДСМ со 6 881 глас. Во оваа скопска општина право на глас имаат 68 772 избирачи.
Во Центар, во изборна трка се Мирослав Лабудовиќ од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, кој во првиот круг од изборите освои 5 707 гласови и Горан Герасимовски поддржан од коалицијата на СДСМ, кој освои 8 535 гласови. Во оваа општина, право на глас имаат 44 109 избирачи.
Противкандидати во вториот круг од Локалните избори во Шуто Оризари се Ерџан Демир поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кој во првиот круг од изборите освои 1 841 глас и Курто Дудуш од Унија на Ромите со 3 223 гласови. Таму, според Избирачкиот список, гласаат 23 893 избирачи.
Во четирите општини каде што беше констатирано дека нема цензус од минимум една третина излезеност на гласачите – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово, ќе има нова изборна постапка за избор на градоначалници која ќе почне по завршувањето на локалните избори, односно по објавувањето на конечните резултати од локалните избори.
