Од партијата на Максим Димитриевски посочуваат дека на средбата инсистирале идеолошките столбови на кои ја темели својата платформа, како и дел од програмата за парламентарните избори „Проглас за достоинствена Македонија“ да бидат дел од идната владина програма
Се одржа првата официјална средба за соработка на работните групи на Движењето ЗНАМ – „За наша Македонија“ и на ВМРО-ДПМНЕ, на која се разговарало за политичките начела и платформа за соработка, како и за стратешките определби.
Ова вечерва го соопштија од Движењето ЗНАМ, посочувајќи дека на средбата од нивна страна присуствувале генералниот секретар Горан Минчев и потпретседателите Весна Бендевска и Павле Арсоски, додека од страна на ВМРО-ДПМНЕ присуствувале потпретседателите на партијата Владо Мисајловски и Тимчо Муцински.
Во сооштението од Движењето ЗНАМ нема конкретни детали дали е постигнат некаков договор или напредок кон евентуално коалицирање во идната влада.
Сепак, од партијата на Максим Димитриевски посочуваат дека на средбата инсистирале идеолошките столбови на кои ја темели својата платформа, како и дел од програмата за парламентарните избори „Проглас за достоинствена Македонија“ да бидат дел од идната владина програма.
„Својата платформа ја темелиме на идеолошките столбови, а тоа се Македонија современа, демократска, европска држават, втемелена во илинденските и асномските вредности, интеграција на земјата во Европската Унија на достоинствен начин. Потоа, Република Македонија држава во која има правда за сите и нулта толеранција за корупција, Македонија како самоодржлива држава која ќе прозиведува доволно храна и енергија за своите потреби, забрзани и ефикасни реформи во економијата и социјалните политики во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и стабилни меѓуетнички односи“,
се вели во соопштението од ЗНАМ.
Пред два дена пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, по прегласувањето за парламентарните избори на седум избирачки места во изборните единици 5 и 6 рече дека новата влада се очекува да биде формирана до 20 јуни и веројатно ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ и Движењето ЗНАМ.
„360 степени” во четвртокот објави дека има контакти меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ на тема соработка во идната влада, но дека исходот е неизвесен.