Од Алтернатива засега нема одговор дали Африм Гаши се одзвал на поканата и кога би се одржала средбата со премиерот. Од СДСМ не откриваат ниту дали четворицата пратеници на Алтернатива засега се единствена опција за модифицирање на парламентарното мнозинство или, пак, се разговара и со пратеници од други партии
Премиерот Зоран Заев го поканил лидерот на Алтернатива Африм Гаши на средба во наредните денови, односно на разговори за проширување на парламентарното мнозинство.
Висок функционер на СДСМ потврди за „360 степени“ дека Заев Заев телефонски разговарал со Гаши и дека го поканил „доколку сметаат во некој од следните денови да седнат и да разговараат“.
Ниту од СДСМ ниту од Гаши засега нема информација за повратниот одговор што го добил Заев, односно дали кај Алтернатива има расположение за средба во скоро време. Нема ниту информации дали четворицата пратеници на Алтернатива засега се единствената опција за модифицирање и за проширување на парламентарното мнозинство, по неуспешната иницијатива на опозицијата за изгласување недоверба на Владата, во која учествуваше и до скоро владејачката Беса. Или, пак, се разговара и со пратеници од други партии.
Во петокот, во интервју за „360 степени“, Гаши изјави дека сега не е добро да се оди на предвремени избори. Тој рече дека до тој момент сѐ уште не добил понуда од СДСМ, но, како што наведе, со оглед на тоа што партијата е во коалиција со Алијанса за Албанците и досега соработуваше со ВМРО-ДПМНЕ, принципиелно е прво да разговара со нив.
Министерката за одбрана за одбрана Радмила Шекеринска изјави денеска дека очекува брзо да завршат разговорите за стабилно парламентарно мнозинство, за што, како што рече, се водат разговори.
„Многумина граѓани, но и медиумите, чекаат од нас да го потврдиме парламентарно мнозинство кое ќе гарантира функционално Собрание и нормален тек на реформските процеси. Се водат разговори, очекувам тоа брзо и успешно да се заврши, бидејќи не чека многу повеќе работа. Целта е да се обезбеди квалитетно мнозинство, кое точно ќе знае за какви политики се залага, има јасен план за работа и времето помалку ќе го троши во преговарање, а повеќе во работа. До пред неколку дена сите можевме да лицитираме со различни тези. Се виде дека информациите што ги пласираше опозицијата биле дезинформации и пропаднаа обидите не само да се изгласа недоверба на Владата, туку и да се попречи целиот овој процес на наше интегрирање, не толку во НАТО, колку во ЕУ“,
изјави Шекеринска.
Таа смета дека по локалните избори државата треба да се врати во нормалното темпо на работа и обезбедување подобар живот и повеќе безбедност.
„Владата функционира. Собранието денеска ќе почне да дискутира и за буџетот. Ништо не не спречува да работиме на тоа што е важно за сите. Мислам дека како што на граѓаните фокусот не им е постојани избори или постојано броење пратеници, туку работа и резултати, мислам дека и ние тоа треба да им го понудиме“,
истакна Шекеринска.