Јавните дебати за измените, кои треба да се базираат на препораките на Оценската мисија на ЕУ, треба да завршат до крајот на декември, а законот за Судскиот совет треба да биде донесен до јуни следната година
Измени на Законот за Судскиот совет се неопходни затоа што функционирањето на оваа институција во неколку наврати беше доведено во прашање. Ова денеска го кажа министерот за правда на првата од предвидените четири јавни дебати за предвидените законски измени кои ја уредуваат работата на ова значајно тело во рамките на правосудниот систем во државата.

Министерот и правните експерти денеска седнаа на заедничка маса да разговараат и да споделат мислења и предлози за уредувањето на новата рамка на Законот за судски совет.
Според Филков, д особено значајни ќе бидат мислењата на експертите во однос на измените кои се однесуваат на дисциплинската постапка, постапката по жалба и изборот и разрешувањето на судии.
„Потребно е денеска да го слушнеме вашето експертско мислење, особено во делот на препораките за измени кои се однесуваат на дисциплинската постапка, постапката по жалба, изборот и разрешувањето, но и за други делови од Законот. Да изградиме независно и ефикасно правосудство во кое граѓаните нема да имаат ниту најмал сомнеж“,
рече Филков, кој најави дека Министерството ќе ги објави предлозите откако ќе ги слушнат мислењата на експертите.
Оптимист дека од предлозите и ставовите на експертите и претставниците на правосудната фела ќе произлезе квалитетен закон е и претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.
„Јас се надевам дека врз основа на сите предлози и сите ставови на стручните лица, експертите и почитуваните чинители во правосудството ќе се изготви еден квалитетен законски текст кој ќе биде во согласност со препораките на Оценската мисија на Европската Унија“,
рече Дамева, пренесува ТВ Телма.

Инаку, дебатите се организираат во соработка и со поддршка на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.
Дитер Шиндлауер, раководител во рамките на проектот, на денешната дебата, меѓу другото, рече дека предизвиците со кои се соочува Судскиот совет произлегуваат и од несоодветното решавање на претходните состојби во ова тело.
„Во извештајот на Европската комисија од минатата година се набројуваат околу 40 препораки за Судскиот совет во критичен момент кога довербата во него беше најниска во историјата на земјата. Предизвиците со кои се соочува овој Совет произлегуваат од натрупаните проблеми поради неусогласувањето со законската рамка и несоодветно решавање на претходните состојби“,
рече Шиндлауер.
Донесување на Законот за Судскиот совет е дел од Реформската агенда на Владата, чиј дел е и Планот за раст одобрен од Европската Унија. Јавните дебати за измените, кои треба да се базираат на препораките на Оценската мисија на ЕУ, треба да завршат до крајот на декември, а законот за Судскиот совет треба да биде донесен до јуни следната година.
За потсетување, експерти на Европската Унија лани дојдоа во земјава по незаконското разрешување на Дамева од претседателското место во Советот. Европските експерти за скенирање на состојбите во Советот изготвија извештај со 40 препораки, од кои дел се во надлежност и може да ги спроведе самиот Судски совет, добар дел потребни се интервенции во законите, но и во Уставот.
Премиерот Христијан Мицкоски, како во предизборието така и по добивањето на изборите и формирањето на новата влада, во повеќе наврати говореше дека нема да се откаже од идејата за распуштање на Судскиот и на Советот на јавни обвинители доколку не добие подобри идеи за реформи во овие две тела.
Европската комисија во последниот извештај за напредокот на земјава на патот кон ЕУ изрази загриженост за најавите за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, оценувајќи дека таквите дејствија би ја поткопале независноста на судството.
Комисијата во Извештајот порача дека токму јакнење на Судскиот совет преку ревидирање на законодавната рамка и негова поголема транспарентност и независност е една од препораките во однос на реформите во правосудството.