Зимата ќе трае 88 дена, 23 часа и 39 минути – до 20 март 2024 година, кога на северната хемисфера ќе настапи пролетта, а на јужната есента
Утрово во 4 часот и 27 минути на северната хемисфера на Земјата, а со тоа и во земјава почна зимата. Во исто време на јужната Земјина полутопка почнува летото.

Првиот ден од зимата е познат и како зимска краткоденица бидејќи денот е најкраток, а ноќта најдолга. Од денеска ноќите постепено ќе стануваат пократки, а денот – од изгрејсонце до зајдисонце – подолг.
На првиот зимски ден сонцето во Скопје изгреа во 6 часот и 59 минути, а ќе зајде во 16 часот и 6 минути. Денот трае 9 часа и 7 минути.
Петок, 22 декември, е 358. ден во 2023 година. До крајот на годината остануваат уште девет дена.
Зимата ќе трае 88 дена, 23 часа и 39 минути – до 20 март 2024 година, кога на северната хемисфера ќе настапи пролетта, а на јужната есента.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за денеска најавија променливо облачно време, со повремени локални врнежи од дожд во утринските часови, а на планините од снег што ќе ја зголеми снежната покривка.
Претежно во западните и северните делови повремен снег ќе паѓа и на повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, вдолж Повардарието северозападен, а во западните делови западен ветер, кој наместа повремено ќе засилува. Минималната температура ќе биде во интервал од минус четири до два Целзиусови степени, а максималната ќе достигне од пет до 12 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. На повисоките места во регионот ќе паѓа повремен снег. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Максималната дневна температура во главниот град ќе достигне до шест Целзиусови степени.
