Право на глас овој пат имаат 1 353 990 гласачи, во чии општини изборите не завршија во првиот круг
Во 44 единици на локалната самоуправа, на 2 481 избирачко место, денеска се гласа за градоначалници, на вториот круг од локалните избори, вклучително со градот Скопје.
Право на глас имаат 1 353 990 избирачи.
Гласачите пристапуваат да гласаат еден по еден, а избирачкиот одбор ќе го провери личниот идентитет, кој се докажува со важечки личен документ и со отпечаток од прсти. За важечки личен документ се смета: важечка лична карта или важечка патна исправа или лична карта чија важност истекла во периодот од распишување на изборите до денот на нивното одржување.
Гласањето на локалните избори започнува во 7 часот и трае непрекинато до 19 часот, до кога трае иизборниот молк. Ако гласањето биде прекинато подолго од еден час, тоа ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.
Во 19 часот гласачките места се затвораат. На избирачите затекнати во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат. Гласачкото место на кое гласале сите граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список може да се затвори и пред 19 часот, по претходна согласност од надлежната ОИК, но не отпочнува со броење на гласовите пред 19 часот.
Записниците и другиот изборен материјал, избирачкиот одбор ги доставува до општинската изборна комисија, односно Изборната комисија на градот Скопје, во рок од пет часа по завршувањето на гласањето.
Државната изборна комисија (ДИК) првичните резултати од локалните избори, добиени по електронски пат од општинските изборни комисии, ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од општинските изборни комисии во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.
Општинските изборни комисии првичните резултати од изборите треба ги објават во рок од 7 часа по завршувањето на изборите врз основа на податоците од избирачките одбори и се истакнуваат на огласна табла во општината. Според Роковникот на ДИК, Изборната комисија на град Скопје првичните резултати од изборите за членови на совет, односно градоначалник ги објавува во рок од 10 часа по завршувањето на изборите врз основа на податоците од општинските изборни комисии за градот Скопје.
ДИК конечните резултати од изборите ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност. Конечните резултати од изборите, ДИК ги објавува за секоја општина поодделно. Конечните резултати од изборите, ОИК ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.
Изборите за градоначалници во единиците на локалната самоуправа се вршат по мнозинскиот изборен модел. Изборот на градоначалник заврши во првиот круг во 38 општини во земјава, заедно со изборите за членови на советите на општините и на градот Скопје, кои се избираат според пропорционален модел.