Во СЦ „Борис Трајковски“ почна вакцинацијата на бремени жени, кои повеќе од два месеца бараа приоритетни термини за имунизација со вакцината на „Фајзер“. Вакцинацијата почна во 14 часот на пунктовите од 7 до 12 и засега се одвива без проблеми, велат од Иницијативата за вакцинација на трудници и доилки. Оттаму додаваат дека дел од членките кои биле запишани на првичните списоци веќе се породиле, а дел, пак, се вакцинирале надвор од земјава, но остануваат на барањата за приоритетна вакцинација и на доилките.
Како што вчера објави „360 степени“, голем дел од трудниците изминатиов период беа принудени за вакцина да патуваат и по 200 километри надвор од земјава, затоа што државата нема стратегија за нивна вакцинација. Поради долгото чекање за термин и немањето можност за избор на вакцина, повеќето бремени жени и доилки се вакцинираа во Србија или во Бугарија.
Иницијативата за вакцинација со повеќе од 400 потписи беше доставена до Министерството за здравство во април, но досега немаа одговор од надлежните дали ќе се прифати барањето за приоритетна вакцинација со „Фајзер“.
Препораките на Светската здравствена организација се да се вакцинираат бремените жени кога бенефитот е поголем од ризикот од заразата. Посебен акцент СЗО става на трудниците со хипертензија, дијабетес и други болести за кои научните сознанија потврдиле дека може да предизвикаат тешка клиничка слика при евентуална зараза со ковид.