Обезбедени се и снимки од видео-надзорот и се преземаат други дејствија за испитување на настанот
Обвинителството почна да врши увид во фабриката „Макпрогрес“ во Виница, каде во пожар изгореа производствен погон и две магацински простории.

„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани го започна увидот во фабриката ‘Макпрогрес-Винчини‘ во Виница“,
соопштија денеска од Обвинителството.
Оттаму велат дека увидните дејствија ќе продолжат и следните денови, бидејќи во дел од магацините за суровини и готови производи се уште има жаришта што тлеат.
„Поставени се противпожарни возила за заштита на плинската станица што не беше зафатена од огнот“,
се вели во соопштението.
Во текот на утрешниот ден на увид на лице место е повикано и вешто лице – електроинженер.
Во меѓувреме, како што додаваат Обвинителството, обезбедени се снимки од видео-надзорот и се преземаат други дејствија за испитување на настанот.
По гаснењето на пожарот, јавен обвинител вчера беше на лице место во фабриката „Макпрогрес“, но увидот не можеше да почне зашто пожарот не беше во целост изгаснат.
Пожарот во фабриката за кондиторски производи и вафли избувна во саботата попладне околу 18 часот.
Покрај пожарникарите од Виница, во гаснењето беа вклучени и пожарникари од неколку соседни општини.
Повредени се 18 лица, од кои 13 сее хоспитализирани.
Менаџментот на компанијата преку соопштение до јавноста им се заблагодари на сите што учествуваа во гаснењето на пожарот и порачаа дека фабриката ќе биде обновена, а вработените што физички ги загубија работните места, ќе бидат задржани.
„Најважно за сите нас е дека немаше човечки жртви – сите наши вработени се безбедно евакуирани, како и дека нема жртви кај противпожарните служби кои храбро го гаснеа пожарот во текот на целата ноќ“,
соопштија од фабриката.