Тргувањето оди на начин што понудата која ја претставуваат производителите и цените по кои тие сакаат да ја продадат енергијата и онаа побарувачка од трговците и снабдувачите и цените што тие ги нудат се ставаат во еден систем. Формирањето на цените на берзите на електрична енергија е математички алгоритам помеѓу понудата и побарувачката и создава просечна цена во тој час во кој ќе се истргува одредена енергија, вели управителот на МЕМО
Шутиноски вели дека денеска на берзата тргувале 20 компании, а склучени договори со МЕМО за користење на платформата имаат 22

Македонската берза за електрична енергија денеска, по првиот ден од стартот на својата работа, оствари безбедно тргување и без никаков проблем, рече управителот на Националниот оператор на пазарот за електрична енергија (МЕМО), Симон Шутиноски, на денешното промовирање на берзата.
„Денеска се истргувани околу 500 мегават-часа електрична енергија, по 20 мегават-часа во просек по поединечно тргување, додека просечната цена што е постигната на крајот од тргувањето е 7 125 денари. Имавме успешен ден на тргување. Денот на тргувањето покажа дека системите на кои се тргува, кои се истите оние системи кои се користат и во земјите од западна Европа профункционираа, тргувањето беше успешно за сите учесници на пазарот кои истргуваа електрична енергија. Сите си го најдоа својот интерес, оние кои продаваа да продадат, оние што купуваа да купат електрична енергија. Покажавме дека имаме капацитет за спроведување на реформи кои се рамо до рамо со реформите кои се водат во Европа“,
рече Шутиноски.
Шутиноски објасни дека берзата функционира така што сите оние кои имаат капацитети на електрична енергија и сакаат да ги продадат во часовите во кои планираат да продадат, го прават тоа.
„Тргувањето оди на начин што понудата која ја претставуваат производителите и цените по кои тие сакаат да ја продадат енергијата и онаа побарувачка од трговците и снабдувачите и цените кои тие ги нудат се ставаат во еден систем. Формирањето на цените на берзите на електрична енергија е математички алгоритам помеѓу понудата и побарувачката и создава просечна цена во тој час во кој ќе се истргува одредена енергија“,
вели Шутиноски.
Според него, секогаш постои можноста прво да се продава домашната електрична енергија, бидејќи таа е подобра понуда, затоа што оние кои ја продаваат таа енергија немаат дополнителни трошоци за прекугранични капацитети за да ја донесат таа енергија.
„Но, сепак тука се појавуваат и компании кои се познати во Европа, кои тргуваат на сите берзи на електрична енергија. Тие имаат свои начини како да ја донесат енергијата, да искалкулираат поволни цени за да направат понуда од која би биле и тие задоволни, а и купувачите на таа енергија. Денеска се истргува енергија од цела Европа, вклучително и домашната електрична енергија“,
вели Шутиноски.
Управителот вели дека МЕМО го користи системот на европската берза на електрична енергија која е најголемата берза на енергија во Европа.
Шутиноски рече дека денеска тргувале 20 компании, а склучени договори со МЕМО за користење на платформата имаат 22.
За тоа колкав надоместок плаќаат оние што сакаат да тргуваат на берзата, Шутиноски рече дека надоместокот е изразен во ценовник кој е јавно објавен на веб-страницата на МЕМО.
„Надоместокот во моментов е најевтин во регионот. Значи имаме најевтина цена за учество, годишна членарина и такса од истргувана електрична енергија во споредба со регионалните берзи. Има посебна цена, а учесниците што денеска ги кажавме имаа 50 отсто попуст за зачленување. Влезот во самата берза чини 5 000 евра, тие платија по 2 500 евра и имаат годишен надоместок врз основа на тоа каков пакет на тргување имаат избрано“,
рече Шутиноски.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денешниот ден го оцени како историски за македонската енергетика и економија.
„Северна Македонија добива конкурентен пазар кој на транспарентен, недискриминирачки и ефикасно ќе тргува со електрична енергија, а со активното купување и продавање на електричната енергија на пазарот ден однапред нашата земја конечно ќе добие референтна цена на електрична енергија на пазарот на големо. Преку МЕМО ни се отвораат многу можности за развој и привлекување на нови инвеститори во производствените капацитети од обновливи извори на енергија, како сонцето и ветерот“,
рече Битиќи.
Директорот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски рече дека денес е остварен сонот на сите што работат во енергетиката.
„Берзата ќе обезбеди платформа за транспарентно функционирање на пазарот на електрична енергија. Оваа берза е прв чекор кон понатамошно учество на Македонија во паневропскиот пазар на електрична енергија кој е неминовен и никогаш нема да запре“,
рече Бислимоски.