Во салата најверојатно не е присутен Кастриот Реџепи од Беса
Џафери му ја предаде спикерската палка на потпретседателот Фадил Зендели од Беса, кој досега не водел пленарна седница
Еден глас ѝ недостига на опозицијата за кворум за донесување на дневниот ред на денешната собраниска седница за изгласување недоверба на Владата. Најверојатно, станува збор за пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, кој е недостапен на својот мобилен телефон за да каже дали денеска ќе се појави во парламентот.
Спикерот Талат Џафери ја отвори седницата, а при пребројувањето на присутните излезе дека во салата има 61 пратеник. Но Џафери рече дека тој не се согласува со иницијативата за недоверба на Владата и дека нема да биде во салата кога ќе се утврдува дневниот ред.
Џафери го повика потпретседателот на Собранието, Фадил Зендел од Беса, да продолжи да ја води седницата. Повикот ги затече пратениците од опозицијата, со оглед на тоа што Зендели, иако е втор потпретседател на парламентот, покрај Горан Мисовски, досега не го менувал Џафери на спикерското место на пленарна седница.
Џафери даде 10 минути пауза, за Зендели да продолжи да ја води седницата, посочувајќи дека тој нема да биде 61. пратеник во салата.
Како што објавивме синоќа, во салата не се присутни пратениците од коалицијата на СДСМ и на ДУИ. Во редицата која е предвидена за парламентарното мнозинство, можеа да се забележат само двајца пратеници, веројатно од Беса, која сега има тројца члена во парламентот, а која првично ја поддржа иницијативата за изгласување недоверба на Владата.
Пред почетокот на седницата, во Собранието пристигнаа во скафандери двајцата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои се во изолација, поради ковид-19: Ангелика Петкова и Никола Мицевски.
Отворајќи ја седницата, Џафери забележа дека овој пат веројатно нема да има кривични пријави за биолошки тероризам и дека сега се видело дека требало да се донесат измени во Деловникот за да се овозможи онлајн одлучување во парламентот.