Надлежните велат дека овој историски споменик треба да се промовира пред светот, но и дома. Во иднина очекуваат тој да го добие заслуженото место на туристичката мапа и таму да се одржуваат многубројни манифестации
Денеска започна конзервацијата и реставрацијата на Скопскиот акведукт, процес кој, како што рече министерката за култура Ирена Стефоска, е скап, но не е ништо во споредба со вредноста што ја има ова културно добро.
„Скопскиот акведукт е еден од последните на Балканот кој е зачуван во целост. За жал, не можеме да се пофалиме дека е тоа по наша заслуга. Затоа го нареков ремек-дело на старите градители коешто им пркосело на вековите, на природните непогоди, на војните и на луѓето. Сега имаме шанса тоа да го исправиме. Тоа и го правиме“,
рече Стефоска.
Акведуктот, додаде таа, не е градежен материјал за несовесните и несвесните ниту, пак, е сеф со некакво скриено богатство за крадците. Напротив, самиот акведукт е скапоценост.
Таа е уверена дека институциите ќе го вложат сето знаење и умешност за негова заштита и потенцираше дека имаме обврска Акведуктот да го промовираме пред светот кој ги препознава овие споменици и ги става на туристичката мапа.
„Но, пред тоа, неговата вредност треба да ја промовираме дома зашто, за жал, имам впечаток дека повеќето знаат каде се наоѓа ’Сити мол‘, но не знаат каде е овој древен водовод и што тој претставува. Некој можеби ќе рече: ’Тоа и го спасило‘. Но, убедена сум дека од денеска Акведуктот ги добива заслуженото внимание и грижа“,
рече Стефоска.
На почетокот на реставрацијата присуствуваше и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов, кој најави дека реставрацијата и конзервацијата ќе трае подолг период затоа што станува збор за обемна и скапа работа.
„Сега ја почнуваме работата од нулта позиција, а тоа е овде на лице место првин да се зачува физичката состојба на Акведуктот. Драго ми е што ќе отпочнат работите и се надевам на добра и успешна завршница“,
додаде Костов.
И тој како и Стефоска очекува Акведуктот да го добие заслуженото место за Скопје и за туристите и очекува таму да се одржуваат различни манифестации, за младите, за културата за спортот…
Директорот на Конзерваторскиот центар-Скопје, Коле Чапкановски, зборувајќи за процесот на реставрација, објасни дека се започнува со активности околу каналот односно водите кои течат низ некогашниот водовод сега ќе се пренасочат кон другиот канал. Следно, пак, ќе се работи за зајакнување на столбовите.
Акведуктот неодамна на владина седница беше прогласен за културно наследство од особено значење со што го доби највисокиот акт на заштита што овозможува трајно зачувување на неговите културни и историски вредности.