Во пожарот, кој избувна во саботата, опожарена се една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат и дел од вториот, а урнат е и дел од покривот на трговскиот центар
Во Струмица почна расчистувањето на остатоците од големиот пожар што го зафати трговскиот центар „Глобал“ и се очекува тоа да трае и во наредните два дена, по што ќе почне санирањето на деловите што изгореа од пожарот.
Од утрово, како што јавнува порталот „Југоинфо“, екипи на јавното претпријатие „Комуналец“ со специјализирани машини за чистење и возила за подигање смет почнаа да го расчистуваат трговскиот центар и да ги вадат остатоците од пожарот пред влезовите каде што се товараат во камиони.

Расчистувањето започна откако вчера обвинител од струмичкото Основно јавно обвинителство, инспектори од Дирекцијата за заштита и спасување, како и крим-техничари од МВР го завршија увидот на терен.
Пожарот во „Глобал“ избувна вечерта на 2 јануари, а во неговото гаснење учествуваа 61 пожарникар со 18 возила. Опожарени беа една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, дел од вториот, а урнат е и дел од покривот на трговскиот центар.