Набргу по почетокот на примирјето, Израелските одбранбени сили (ИДФ) ги предупредија жителите на јужен Либан да не се враќаат веднаш кон селата за кои имаше наредба за евакуација. Но, многумина раселени поради повеќемесечните израелски напади се сликани како се враќаат дома, и покрај предупредувањето на израелската војска да почекаат додека не им се каже дека е безбедно да го сторат тоа

Прекинот на огнот меѓу Израел и либанската милитантна група Хезболах стапи на сила денеска во раните утрински часови откако двете страни го прифатија договорот постигнат со посредство на САД и Франција.
Либанската армија, која има задача да помогне во обезбедувањето на примирјето, објави дека се подготвува да се распореди на југот на земјата.
Војската, исто така, побара жителите на пограничните села да го одложат враќањето дома додека израелската војска не се повлече.
По стапувањето на сила на прекинот на огнот, можеше да се слушнат рафали низ главниот град на Либан, Бејрут, пренесува Ројтерс.
Засега, како што се додава, не е јасно дали пукањето било славенички.
Подоцна, пишува Ројтерс, автомобили и комбиња натоварени со душеци, куфери, па дури и мебел се движеле низ јужниот пристаништен град Тир упатувајќи се на југ.
„Од некои автомобили се вееја либански знамиња, други свиреа, а една жена можеше да се види како трепка со прстите на знакот за победа“,
пишува Ројтерс.
Набргу по почетокот на примирјето, Израелските одбранбени сили (ИДФ) ги предупредија жителите на јужен Либан да не се враќаат веднаш кон селата за кои имаше наредба за евакуација.
Но, многумина раселени поради повеќемесечните израелски напади се сликани како се враќаат дома, и покрај предупредувањето на израелската војска да почекаат додека не им се каже дека е безбедно да го сторат тоа.
Според договорот, израелските сили постепено треба да се повлекуваат од југот на Либан во следните 60 дена. За тоа време борците и оружјето на Хезболах ќе бидат тргнати од областа јужно од реката Литани и тука ќе биде распоредена регуларната либанска војска.
Либанскиот премиер Наџиб Микати го поздрави договорот и побара од Израел целосно да го почитува и да ги напушти окупираните области.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера потврди дека владите на Израел и Либан го прифатиле предлогот да се стави крај на разорниот конфликт меѓу Израел и Хезболах.
Бајден во обраќањето од Белата куќа рече дека има можност да пренесе добра вест, која се однесува на тоа дека израелскиот безбедносен кабинет го одобрил договорот за прекин на огнот и за ставање на крај на борбите со милитантната група Хезболах во Либан.
Предлогот има за цел да се постигне шеесет дневен прекин на огнот, што би требало да биде основа за трајно примирје.
Бајден посочи дека Израел го задржува правото да се брани, доколку Хезболах или некој друг го прекрши договорот.
Израел се согласи на примирје со Либан, односно со Хезболах, со што се отвора патот за крај на војната по повеќе од една година, а во која загинаа илјадници луѓе, пренесува Ројтерс.