Доколку членовите на едно домаќинство кои треба да се попишат не се дома во моментот кога попишувачите ќе затропаат на нивната врата, тогаш ќе им се остави порака со временска одредница кога повторно ќе поминат. Ќе остават и телефонски број во случај ако лицето не е во можност во наведениот период да биде дома, да закаже со попишувачот кога може да се спроведе попишувањето
По околу 19 години, во земјава денеска започна пописот на населението, домаќинствата и становите. Статистичката операција официјално стартуваше утрово во 8 часот, а ќе трае до 30 септември, до кога ќе трае и онлајн пописот на дијаспората, што почна на 1 март годинава. Досега во дијаспората се попишани приближно 191 000 граѓани. Последниот попис беше спроведен во 2002 година.
Во пресрет на пописот, надлежните уверуваа дека се е подготвено за пребројувањето на населението, домаќинствата и становите, со што ќе се добие точна бројка за населението, каде точно е распоредено, слика за половата, старосната, образовната, економската структура, бројот на објекти и слика на условите за живеење на населението.
Со оглед дека тој се спроведува во услови на пандемија, тие потенцираа и дека процесот ќе се спроведе безбедно, со почитување на здравствените протоколи и не постои опасност од ширење на вирусот. Оние граѓани кои не сакаат да примаат невакцинирани попишувачи ќе добијат вакцинирани.
Директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, вчера на прес-конференција најавувајќи го денешниот старт истакна дека институциите се подготвени за најголемата статистичка операција во земјава и ги повика граѓаните да ги примат попишувачите.
„По речиси 20 години, премрежја, опструкции и одолговлекувања конечно сме на прагот да започнеме со теренската работа и со собирањето на потребите податоци. Сите подготовки се завршени. Комисиите на пописните реони заедно со нашите државни инструктори успешно ги завршија обуките на реонските инструктори и попишувачи и денеска се излезени на терен во обиколка на своите пописни кругови“
истакна Симовски.
Како што вчера беше објаснето, доколку членовите на едно домаќинство кои треба да се попишат не се дома во моментот кога попишувачите ќе затропаат на нивната врата, тогаш ќе им се остави порака со временска одредница кога повторно ќе поминат. Ќе остават и телефонски број во случај ако лицето не е во можност во наведениот период да биде дома, да закаже со попишувачот кога може да се спроведе попишувањето.
„Ова е техника која ја применувавме во сите пописи досега и секогаш се покажувала како успешна. Нема можност да биде никој изоставен и никој нема да седи дома 26 дена за да чека попишувачи, туку нормално си ги извршува своите секојдневни обврски“,
рече Симовски.
Првпат на овој попис освен прибирање на податоци директно од населението на терен, ќе се користат и податоци од таканаречената Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваат сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата. Се очекува, ова да го забрзува целиот процес, што значи дека до крајот на годинава, најдоцна во јануари 2022 треба да бидат објавени податоците.
Првиот современ попис во земјава е спроведен во 1921 година. По Втората светска војна се спроведени осум пописи: 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година.
Пописот во 1991 година бил со нецелосен опфат и затоа во 1994 година повторно е спроведен попис во истата декада. Пописот во 1994 година е прв попис по осамостојувањето, а пописот во 2002 година е последниот спроведен попис. Според тогашните прибрани податоци во земјава бројот на населението изнесувало 2 022 547, имало 564 296 домаќинства и 698 143 станови.