Изборната кампања за првиот круг на гласањето, како што налага Роковникот за изборни дејствија, почнува на 22 декември на полноќ и трае до 9 јануари, кога започнува молкот пред гласањето
Почна изборната кампања за повторените локални избори за градоначалници во општините Гостивар, Маврово, Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа што ќе се одржат на 11 јануари 2026 година.

Изборната кампања за првиот круг на гласањето, како што налага Роковникот за изборни дејствија, почнува на 22 декември на полноќ и трае до 9 јануари, кога започнува молкот пред гласањето.
Во три општини има по двајца кандидати за градоначалници, а во една општина има еден кандидат.
Кандидати за градоначалник на Гостивар се Невзат Бејта од коалицијата ВЛЕН и Ваљбон Лимани од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ).
Во Врапчиште кандидати за градоначалник се Исен Шабани од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ) и независниот кандидат Зуљхајрат Демири.
Во Центар Жупа има само еден кандидат за градоначалник – Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците.
Во Маврово и Рустуше се двајца кандидати, како Онер Јакупоски поддржан од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и Анес Ахмети на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ).
Изборите за градоначалник во овие четири општини се повторуваат поради недоволен цензус, односно поради недоволниот одзив на гласачи во првиот круг од локалните избори 2025.
Во Гостивар одзивот беше 33,31 отсто, во Врапчиште – 25,18 отсто, во Маврово и Ростуше – 30,31 отсто и во Центар Жупа – 21,49 отсто.
Според изборниот законик, за изборите да бидат успешни, треба да излезат најмалку една третина од гласачите или 33,33 отсто.
