На првиот ден од изборната кампања Заев ќе биде во Струмица, Мицкоски во Охрид, ДУИ ќе стартува од Преспа, а Алијанса за Албанците од Тетово
На полноќ започна предизборната кампања за предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 15 јули. Политичките партии и политичарите ги сменија профилните фотографии на социјалните мрежи со фотографии на кои се наоѓаат редните броеви на гласачките ливчиња, рекламните банери се појавија на интернет-порталите, започнаа да се вртат и рекламните спотови на телевизиите…

Партиите ќе стартуваат и со свои теренски активности, а оваа предизборна кампања се очекува да помине без масовни собири и митинзи поради коронавирусот.
СДСМ ќе ја стартува кампањата од градскиот парк во Струмица каде е предвидено претседателот Зоран Заев да даде изјава за медиумите, а во 19 часот во амфитеатарот на градскиот парк ќе има и граѓанска трибина на која ќе учествува и Соња Мираковска. Таа заедно со Заев е ко-носителка на кандидатската листа за 4. изборна единица. Утре во агендата на социјалдемократите е и Виница.
„Коалицијата ‘Можеме’ ќе организира изборна кампaња по строго утврдени протоколи, без митинзи и без посети на домови на семејства. За запознавање со понудата коалицијата на располагање ќе ги стави сите онлајн и дигитални алатки, како и засилено присуство на традиционалните медиуми. За подобра двонасочна комуникација со граѓаните, ќе се организираат средби со целни групи, како и мали трибини во контролирани услови и со точно утврден број на присутни, со целосно почитување на мерките и задолженијата од надлежните институции“,
најавија од СДСМ во пресрет на старот на кампањата.
Централниот настан на ВМРО-ДПМНЕ, пак, е најавен за Охрид. Таму партискиот лидер Христијан Мицкоски во 20 часот ќе има средби со граѓани.
Изјави за медиумите и средби со граѓани на првиот ден од кампањата од опозициската партија најавија и на носителите на кандидатските листи во петте изборни единици. Гордана Силјановска-Давкова во ИЕ 1 ќе ја посети Општина Карпош, Владо Мисајловски во „двојката“, пак, ќе биде има свои активности во Ѓорче Петров. Александар Николовски од четворката ќе биде во Струмица, Игор Дурловски од петката во селото Велгошти, а Дафина Стојаноска од шестата изборна единица ќе го посети Тетово. Во најавата за утре го нема носителот во тројката, Игор Јанушев.
ВМРО-ДПМНЕ, денеска ја претстави и „Програмата за обнова од над 1 000 проекти“.
ДУИ кампањата ќе ја стартува од Преспа каде во одморалиштето Крани ќе има промотивна конвенција на кандидатите за пратеници.
Алијанса за Албанците првиот ден ќе организира настан во Тетово, каде отворање на кампањата ќе има и ДПА која во агендата има зацртано посета на гробот на Арбен Џафери и презентација на изборната платформа на плоштадот „Илирија.
Од пред зградата на ЕУ Инфо центарот во Скопје ќе почне кампањата на Македонски концепт чиј промотор е Петар Богојевски, а од Битола најава ќе има и ИНТЕГРА – Македонската конзервативна партија.
Кампањата треба да трае до 12 јули (недела), а веќе на 13 јули почнува изборниот молк.
На овој датум ќе гласаат лицата кои се заразени со ковид-19 и се наоѓаат во домашен карантин, како и граѓаните кои имаат решенија за самоизолација. Ден потоа, на 14 јули, ќе гласаат немоќни и болни лица, како и хронично болните и сите останати кои согласно Изборниот законик гласаат ден пред одржувањето на изборите.
Денот на избори – 15 јули е прогласен за неработен и гласањето е продолжено за два часа односно ќе трае од 7 до 21 часот.